Ако се анализира текот на расправата поврзана со уставните измени, ќе заклучиме дека веројатно се планираат уште два или три дополнителни амандмани, со што се зголемуваат амандманите на изворниот текст. Се разбира тоа е уште една причина за оваа скепса кај граѓаните, но и кај експертската јавност, изјави професорот по уставно право на Правен факултет, Александар Спасеновски за „Тема на денот“ во вестите на Сител.

Според него исто така важно е да се споменат околностите во кои се бараат уставните измени, но и тоа дека решението кое е понудено не поволно за Македонците.

– Од една страна имаме неповолно решение заради чувството на најголемиот дел од граѓаните на оваа држава, особено на Македонците дека нешто неправедно им се одзема и се тераат да направат нешто со кое тие губат дел од нивниот супстрат во рамки на највисокиот правен акт на државата. Од друга страна геополитиката е што Македонија е дел од Европскиот континент и процесите влијаат врз неа. На некој начин времето притиска, но на Македонија и е понудено неповолно решение со кое поголем дел од граѓаните не се согласуваат, рече Спасеновски.

Тој додаде дека можеби треба да се антиципираат овие стравови на граѓаните кои опонираат на уставните измени да се најдат решенија.

– Основата и стартната позиција е да се размислува рационално и да се земат во предвид аргументите на сите. Доколку се постапи на овој начин можеби може да се најде решение, но недостасува еден елемент, а тоа е дека нема дебата. Има монолог во партиите од власта, без притоа отворено да се дискутира со најголемата опозициска партија, истакна Спасеновски.

Спасеновски нагласи дека веројатноста дека ќе бидат неуспешни овие уставни измени.