Како што објави на неговиот фејсбук профил, министерот Спасовски од страна на амбасадорката Зеленковска бил информиран дека базната станица во Словенија е пуштена на 27 септември годинава и досега за патни исправи се фотографирани 249 лица, до Амбасадата се доставени 187 изработени патни исправи, 137 се веќе издадени, а 62 се во обработка во МВР.
– Како одговор на барањата на граѓаните, во соработка со МНР, првпат во нашите дипломатско-конзуларни претставништва обезбедивме опрема со која се олеснува и скратува постапката за изработка и подигнување на патните исправи. Во август оваа година беа промовирани деветте базни и четирите мобилни станици, поставени во земјите каде што е сконцентрирана нашата дијаспора, со што како резултат на заедничките напори со МНР, го решивме деценискиот проблем на нашите граѓани кои живеат и работат во странство, олеснувајќи ја и скратувајќи ја досегашната постапка која просечно траеше четири до пет месеци, а во некои случаи знаеше да се одолговлечи и над шест месеци, напиша на фејсбук Спасовски.
Со поставувањето на базните станици и нивното пуштање во употреба, посочува, гужвите на шалтерите на Управните служби за време на летните месеци ќе бидат намалени, бидејќи, вели, услугата ја направивме достапна во нашите дипломатско-конзуларни претставништва, каде што се примаат и процесуираат барања на дневна основа, со проверка на податоците во реално време, при што се добива патна исправа во временски рок од две до три недели.
– Го слушаме гласот на граѓаните, продолжуваме да ги подобруваме условите и за нашите државјани во странство – овозможуваме навремен, ефикасен и економичен одговор на нивните потреби и брзо и непречено остварување на нивните права, објави на фејсбук министерот Спасовски.