На патот кон Европската унија мора да се соочиме и да се ослободиме од митовите од нашата историја. Тврдат силите на таканаречениот „прогрес“. Оној „прогрес“ што се бори против силите на „злото“. Една изострена интерпретација на оваа, колку идиотска толку и комична теза, слушнав во една куса исечка од настапот на Љупчо Зиков на Канал 5 телевизија.

пишува: Бранко ГЕРОСКИ, за ПЛУСИНФО

Видов, слушнав и – се вџашив!

Прво да објаснам зошто тезата е идиотска per se.

Да се каже дека една нација може да биде членка на Европската унија, или дел од модерната западна цивилизација воопшто, само ако се „ослободи“ од митологијата, е исто како да се каже дека Грција, на пример, не може да биде европска и цивилизирана земја сè додека не се откаже од својата античка митологија. Која, патем речено, е светско културно наследство.

Знаете ли што значи тоа?

По логиката на Љупчо Зиков, кој „открива“ дека Цвета од „Македонска крвава свадба“ можеби не била грабната туку „своеволно“ го напуштила Спасе и отишла кај Осман-бег, та дека затоа треба да се соочиме со можноста Војдан Чернодрински да ни сервирал ординерна лага, Грците и сите ние на кои ни е блиска старогрчката митологија, би морале да се откажеме од Хомеровата „Одисеја“, бидејќи на сите ни е јасно дека Тројанската војна сепак не се водела за тоа кој ќе ја добие преубавата Елена Тројанска, туку за контрола на важните поморски патишта и за превласт во тогаш познатата светска тровија.

По логиката на самопрогласените „прогресивци“ од социјалдемократска провиниенција, Грците и сите ние мора да се откажеме од сите антички митови, легенди и ликови, од Одисеј, Зевс, Посејдон, Прометеј, Пандора, Афродита, Икар и Дедал, од Медеја и од многу други. Бидејќи Зиков имал право да се сомнева дека зад сите тие „новели“ (така ги нарекува) можеби се кријат и некои други „сценарија“. Како сценариото за Цвета ороспијата…

Уште повеќе, по логиката на „прогресот“ потопен во чорбестите глави на мудреците на социјалдемократскaтa пропаганда, би морала да се отфрли и индиската митологија. Бездруго и христијанската религија, која исто така почива на митови (како и сите религии, впрочем). Тоа што многу од нас, на пример, не веруваат во безгрешното зачнување на Марија, мајката Исусова, според теоријата за „ослободување од митовите“, треба да го доведе под сомневање целиот етички универзум на христијанството.

Инаку, целта поради која „прогресивците“, сега во интерпретацијата на Зиков, ни предлагаат да се „ослободиме“ од митот за безгрешната Цвета, која одлучува да умре но да не се потурчи (а да поверуваме во неговата порнхаб-верзија на настанот), е прозаична и многу нечесна. Во истиот исказ Зиков нè убедува дека Турците Османлии во овие краишта биле на „летовање“ (дословно го цитирам „прогресивецов“), претпоставувам заедно со своите Цвети ороспии. И кога биднала таа „ѓурултија“ во Крушево на Илинден 1903 година, Турците го прекинале „летовањето“ и се вратиле во Крушево за да го „угасат“ востанието (дословно го цитирам Зиков, тој вели дека востаниеtо било „угасено“, веројатно со исклучување на продолжниот кабел).

Тоа наше „проевропско“ соочување со „митовите“, како што знаеме, е проширено и на периодот на Втората светска војна. Заевци и неколку други „прогресивни“ идиоти се спремни да поверуваат дека овде во Македонија немало фашистичка окупација туку некаква „администрација“ и дека поради тоа на присуството на бугарската држава на овие простори во тие неколку воени години не треба да се гледа како на поробување, туку како на нешто позитивно, нешто што треба да стане дел од нашата „заедничка историја“ за која толку многу се проповеда.

Јас, инаку, не сум слушнал дека деконструкцијата на историските митови е еден од условите Македонија да напредува кон ЕУ. Можеби „прогресициве“ можат да посочат документ во кој е тоа запишано. Јас верувам во теоријата дека и европските нации по својата суштина се конструкти од 19 и 20 век, формирани врз база на наративи, чии неизбежни делови се и митовите. „Европските нации се плод на историска изградба. Европските интелектуалци од 19 и 20 век им исковаа симбoли, херои и настани. Нациите не се ‘разбудија’ во 19 век за да се ослободат од тиранијата. Тие пред тоа и не постоеја“, вели Ерик Хобсбаум.

Нација која нема митови што заговараат експанзионизам, хегемонија или лажна виктимизација – а ние несомнено сме таква нација – нема потреба со своите наративи да се „соочува“ цензорски, да се „демитологизира“ поради комплекс кон тие што ја оспоруваат нејзината етногенеза, со страв да не би утре некој европски бирократ да ги ретушира нашите митови и историски наративи, или дека поради нив нема да бидеме примени во друштвото на „елитните“ нации.

Тоа е заблуда!

Патем речено, предлошката на драмата „Македонска крвава свадба“ (Софија, 1900 година) не е она порнхаб-сценарио во кое верува Зиков, туку вистински и трагичен настан, што авторот го регистрирал во новински извештај. За своите мотиви да ја напише оваа пиеса, Чернодрински ќе посведочи:

„Што направив јас? Ништо не напишав. Јас го препишав од сè уште ненапишаната крвава историја на Македонија она што читателот ќе го прочита, а гледачот ќе го види во театарот. Крвожедноста на нашите Турци-бегови, готовноста на Македонците да умрат, но верата да не си ја менуваат, а машкоста на Македонецот јуначки да им се одмаздува на оние крвници што ја извалкаа или ќе се обидат да ја извалкаат неговата семејна чест – ете, во тоа главно се состои содржината на пиесата.

Успеав ли? Дали точно препишав? Не знам; за тоа нека се искажат господата критичари. Ако сум успеал, се радувам, ако пак не, сиот грев го фрлам на оние што можат поубаво да ја извршат оваа работа, која мене не ми беше по силите. Пред себе сум оправдан, зашто не мислев да бидам писател ниту мислам, ниту ќе мислам со тоа да го исплаќам долгот кон мојата поробена татковина. Господата критичари, читателите и гледачите, кога ќе ги имаат предвид горните околности, верувам дека ќе бидат снисходливи ќе се зафатат да напишат нешто за нашиот многустрадален живот и ќе ги раздвижат спокојните, лабави струни на македонскиот роб!“

А и за начинот на кој е задушено Илинденското востание – во крв и со репресалии! – постојат јасно утврдени историски факти. Еден од нив е фактот дека во вкупните операција за задушување на востанието, директно или индиректно, биле ангажирани околу 50.000 војници под оружје, колку што имала на располагање Турската империја во Битолскиот вилает. Многу „летувалци“ морале да го прекинат годишниот одмор за да дојдат да го извлечат продолжниот кабел и така да го „угасат“ Илинденското востание!

Да заклучам. Силите на самонаречениот „прогрес“ во Македонија ги губат и допрва ќе ги губат и изборите и симпатиите на овој народ, сè додека на разберат дека нивните божем „проевропски“ интерпретации на македонската историја, но и на македонската уметност, па и на македонските митови, всушност, се изблици на класичен антимакедонизам.

Ванчо Михајлов, Цола Драгојчева, Тодор Живков и другите големи антимакедонисти можат вода да им носат на нашиве, модерниве, „прогресивниве“!

Да бидам искрен, разочаран сум од сознанието дека со ваква валкана мисија се нафатиле луѓе кои ги познавам и за кои никогаш не можев ни да помислам дека еден ден ќе се придружат кон обидот за фалсификување на македонската историја, за оспорување на етногенезата и на самобитноста на македонската нација. Не сум ни сонувал дека во тоа злодело толку ќе се вложат, дури и емотивно, без грам совест и свест дека е огромна лагата дека Европа од нас бара да се обезличиме до непрепознативост за да станеме Европејци.

Се ужаснувам од ова родосквернавење!

Парадигмата за историјата на Македонија во 19 и 20 век не е бордел во кој нашите Цвети, нашите баби, прабаби и чукунбаби, се проституирале за да ја обезбедат европската иднина на Северна Македонија на чело со Заевци.

Така да си знаете, стоки едни „прогресивни“!

ПС. Еве го скандалозниот исказ на Зиков, да не помисли некој дека нешто измислувам: