Спасовски и Петровска со различни оценки за безбедносната ситуација во Македонија. Во синоќешното интервју за „Трилинг“ министерот за внатрешни работи со дијаметрално различен став од министерката Петровска. Додека Петровска уверуваше дека нема никакви закани, министерот Спасовски вели дека сериозно влијаат врз безбедноста на Македонија.

„Сите случувања на геостратешко ниво сериозно влијаат на безбедносната состојба, а и случувањата во регионот бидејќи ние сме кревок регион во однос на безбедноста. Имаме отворени прашања коишто треба да се решат преку дијалог. За жал, во 21 век имаме руска агресија врз Украина, а во моментот имаме и нова безбедносна криза во Израел. Сето тоа имплицира дека мораме да бидеме многу внимателни, да работат консолидирано сите безбедносни служби. Следиме од час во час и сите активности се анализираат“ истакна Спасовски во „Трилинг“.

Претходно, неговата колешка и сопартијка, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, посочи дека во Македонија нема лоцирано закани по безбедноста на државата и на граѓаните.

„Република Македонија во моментов нема лоцирано закани по безбедноста на државата и на граѓаните. Институциите, службите, безбедносно – разузнавачката заедница будно ги следат случувањата во Израел и Украина, разменуваат информации и на национално ниво и во рамките на НАТО алијансата и соодветно се подготвуваат доколку се лоцира предизвик да се реагира“ порача Петровска од Охрид.

До крајот на месецов, според најавите на претседателот Стево Пендаровски, треба да биде свикан Советот за безбедност на кој ќе се разгледа безбедносната состојба во земјава по последните случувања во Израел и војната во Украина.

Пендаровски во четвртокот изјави дека поволна околност е тоа што државата е членка на НАТО и дека добива информации од Советот за безбедност на Европската унија.

„Секако дека Советот за безбедност ќе биде свикан, не само за последниот развој на настаните на Блискиот исток. Моите луѓе во Кабинетот правеа напори да ги усогласат агендите на првите луѓе од Владата бидејќи тие мора да бидат присутни. Претпоставувам дека до крајот на овој месец ќе имаме седница на која ќе зборуваме и за северот на Косово каде имаме контингент којшто сакаме да го зголемиме по барање на НАТО. На дневен ред ќе биде и Украина и Блискиот исток“, рече Пендаровски.