Оливер Спасовски, треба да се засрами од своите лаги, пред новинарите и пред македонската јавност, каде ладнокрвно излажа, во врска со возилото на убиениот Панче Жежовски, велат во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение соопштението
На 4 декември, кога Спасовски држеше заедничка прес конференција, заедно со Гаврил Бубевски, за возилото на Панче изјави: -Тоа возило не се движи до 27 ноември и немавме информација дека е одземено. А е регистрирано од камери, како и возило рено. Извршен е и претрес во политичката партија Трета, на која ѝ припаѓале и најдени се извесни информации“.
Ова не е вистината. Вистината е дека во МВР знаеле на 24 ноември, дека возилото на сега убиениот а тогаш исчезнат Панче, е исчезнато уште од 22 ноември односно 5 дена пред убиството на Вања.
Како доказ на ова е телеграмата, испратена од СВР Велес до сите СВР на територија на Македонија, а во која се нотира дека лицето Панче Жежовски заедно со својот автомобил, а тоа е автомобилот со кој била киднапирана Вања, е пријавен за исчезнат од страна на член на неговото семејство на 24 ноември. Полицијата по однос на овој случај презема акција дури 4 дена откако е пријавено исчезнувањето, т.е. на 28 ноември, што е датум кога е испратена оваа телеграма.
Доколку навреме се реагирало, веќе на 24 ноември и била објавена централна објава по возилото, убијците на Панче ќе биле пронајдени, а Вања можеби ќе беше спасена и немаше да се случи ова монструозно дело.
Оливер Спасовски да престане да се крие и да понесе одговорност, како врвот на МВР. Со криењето на овој податок од јавноста, нема да успеат да се амнестираат, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.