Значително поскромен на зборови беше денеска министерот Оливер Спасовски во однос на откривањето детали за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Истрагата за убиствата не може да ја водиме во медиумите, таа мора да се води во Јавното обвинителство, им порача министерот на новинарите кои бараа повеќе детали за трагедијата.
Спасовски ниту потврди ниту демантираше дали е точна информацијата дека инспектор вклучен во истрагата, споделувал информации и фотографии од местото на злосторството, со што е компромитирана истрагата. Исто така нагласи дека вештачењата од пронајденото оружје ќе бидат предадени на Јавното обвинителство, и истите нема да бидат пласирани во јавноста, бидејќи како што нагласи истрагата не треба да се води во јавност.
Прашан дали смета дека неговите изјави во кои го посочува Палевски како извршител на двете убиства, без да биде осуден, ќе влијаат на екстрадицијата, тој рече „Кога е во истрага, сите шпекулации и сè она што ќе го изнесуваме во јавноста само може да ѝ штети на истрагата“.