Социјалистичката партија на Македонија со изненадување го проследи денешното интервју на министерот Бујар Османи за внесувањето на Бугарите во Уставот.

СПМ оценува дека настапувајќи како адвокат на бугарската влада Османи со ништо не го чувствува противењето на огромното мнозинство граѓани кои се изјаснија против оваа промена на уставот.

Османи, како потврдено најлош министер за надворешни работи што некогаш го имала државата Македонија,  живее во некоја замаглена идеализирана средина во која не ги согледува потребите на државата и граѓаните. Османи се фали дека сме кооперативни кон туѓите барања, ама не кажува дека тоа е секогаш на наша штета. Таква кооперативност бараат странските претставници и тоа ја доведе Македонија да се откажува од своето име, јазик, историја, или до фаза на самоисчезнување. Тешките последиците од такавата политика и од предавничките договори на Заев и Ковачевски, со кои Османи се фали, ќе ги почувствуваат идните генерации. Тоа не е во неговото поле на интерес, туку обратно, се фали со тоа што работи на штета на државата, велат од СПМ.

Османи смета дека мора да се најде надпартиски консензус за промена на Уставот. Очигледно дека слепилото од партиските интереси не му дозволува реално да гледа и да ги измери последиците од така наметната промена на Уставот. Таквата изнудена насилна промена е со јасни и очекувани последици на кои укажаа бројни видни интелектуалци, експерти, граѓани и сите национално определени луѓе, реагираат од партијата.

Условената и наметната промена на Уставот ќе ги трасира односите на Македонија и Бугарија но во контекст на идни уцени, ветоирања, барања, балансери, порачана едукација и други административни пречки што ќе се поставуваат од бугарското малцинство. Сето тоа е со цел за подредување на Македонија под интересите на други држави и да се блокира постоењето на државата Македонија, стои во соопштението.

Социјалистичката партија на Македонија оценува дека заради лошата политика кон Државата која треба да ја претставува, Османи, заедно со премерот Ковачевски мора да поднесат оставки и да овозможат со избори на власт да дојдат лица кои ќе го бранат интересот на државата и на граѓаните во Македонија.

Османи денеска во интервју кажа дека внесувањето на бугарското малцинство во Уставот, односно промената на овој највисок државотворен акт е важно од две причини

Едната причина е тоа што промената на Уставот е важна за да продолжи процесот на преговори и тука ние ќе мора да се постигне надпартиски консензус.

„Внесувањето на бугарското малцинство во Уставот е важно од две причини. Прво затоа што дава насока како ќе се постават македонско-бугарските односи долгорочно во иднина. Додека се обидуваа, Република Бугарија пред сѐ, тие односи да ги става во историски контекст, ние најдовме решение дека тие односи ќе се постават на начин на комуникација меѓу две заедници, мнозински македонски народ и малцинска бугарска заедница, коишто живеат во еден нормален соживот во Република Северна Македонија. Така ќе се трасира и патот на односите меѓу двете земји, на двата народа“, изјави  Бујар Османи.