Социјалистичката партија на Македонија укажува дека уставните измени се производ на диктат и уцени кои не се прифатливи за македонските граѓани.
Социјалистичката партија на Македонија пред македонскиот народ и сите граѓани го повторува ставот според кој парламентарните политички партии, уште помалку пратениците во овој состав во Собранието, немаат мандат, ниту легитимитет за носење одлука која не е дел од програмите, а денес и огромното мнозинство македонски граѓани е против. Оттаму, сметаме дека Собранието на Република Македонија не смее да се стави во функција да исполнува барања за персонални бизнис и политички интереси на власта туку исклучиво во согласност со Уставот да им служи на граѓаните.
Социјалистичката партија на Македонија силно ја поддржува европската интеграција на Македонија, меѓутоа потребно е таа да биде во согласност со општо прифатените и за сите единствени европски стандарди и критериуми кои исклучуваат процес со прифатени понижувачки диктати и условувања, за што единствена вина има однародената Влада на СДС и ДУИ.
Затоа сметаме дека Република Македонија, македонскиот народ и сите граѓани во пристапниот процес во ЕУ е нужно да имаат подеднакво достоинствено внимание како и останатите држави.
Социјалистичката партија на Македонија, како постојана парламентарна партија и коалициски партнер, цврсто стои зад Пратеничката група на Коалицијата „Обнова на Македонија” во едногласната поддршка на г-динот Христијан Мицкоски во пресрет на средба на која ќе се повтори принципиелниот коалициски став за заштита на националните и државните интереси и одлучното одбивање на уставните узмени.
Воедно, сметаме дека на средбата е многу важно отварањето на темата за дефинирање на одржувањето на предвремените парламентарни избори како излез од длабоката политичка и севкупна криза, надминување на закочениот евроинтегративен процес и спас за македонската држава.