Изведувач на работите е фирмата „Метал Апостолов“ од Кавадарци, што беше избрана на тендерска постапка, а реализацијата на проектот е во соработка со Општина Кочани. Целта е сегашното депонирање на отпадот на јавните површини да се замени со похигиенско, подземно складирање, при што ќе се овозможи и негово селектирање.

– Според потпишаниот договор, на пет подземни платформи во централното градско подрачје се инсталираат по четири контејнери, од кои два за комунален отпад, а по еден за хартија и пластика. На површината има стандарно дизајнирана корпа за отпадот, а под површината се наоѓа простор за негово собирање. На тој начин ќе се избегнува непријатната миризба, расфрлањето на отпадот, поместувањето и оштетувањето на контејнерите, а ќе се обезбеди и заштеда на просторот, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Фирмата изведувач е обврзана на две комунални возила да постави хидрауличен приклучок за подигање на подземните контејнери и веќе се работи на адаптирање на механизмите.

Според согласноста од Советот на Општина Кочани, за почеток подземното складирање на отпадот ќе биде на седум локации во градот и ќе се применува кај станбените објекти за колективно домување. Контејнери веќе се поставени во двата блока на Трговскиот центар и кај новиот станбен комплекс на улицата „Стево Теодосиевски“, а во план е да се инсталираат и во населбата Стришани.