Прашањето за евроинтеграцијата на Македонија и условувањата од Бугарија не може да се третира ниту исклучиво како билатерален спор, ниту само како проблем меѓу Скопје и Европската Унија. Ова го истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за телевизија Сител, осврнувајќи се на неодамнешната средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и на можноста за евентуално европско посредување во разговорите со Софија.
Запрашана за пораките од Брисел за продолжување на дијалогот, Сиљановска-Давкова потсети на досегашните дилеми околу карактерот на спорот. Таа посочи дека кога македонската страна тврдела дека прашањето е билатерално — бидејќи во Акцискиот план и претходните документи нема забелешки или закани за вето од други држави, туку се бара вреднување според заслуги — Бугарија тврдела дека станува збор за проблем со ЕУ.
Според претседателката, доколку е така, на земјава треба да ѝ се овозможи директно да преговара со Европската Унија. Таа дополнително потсети дека во европското право постојат механизми, како членот 7 од Договорот за ЕУ, кој предвидува ограничување на одредени права на земја-членка при сериозно прекршување на фундаменталните вредности на Унијата.
Сепак, претседателката нагласи дека е потребен отворен дијалог, но повтори дека процесот не може дефинитивно да се оквалификува исклучиво во една од двете крајности. Повикувајќи се на европското уставно право и основните акти, таа ги коментираше и изјавите на бугарската потпретседателка Илијана Јотова за почитување на европските принципи.
„Јас не сум само претседателка, туку сум и професорка и добро го познавам европското уставно право. Она на што се повикува г-ѓа Јотова кога вели дека мора да ги почитуваме принципите и вредностите на ЕУ се точно прашањата на кои и јас повикувам. Во Договорот за ЕУ, Лисабонскиот договор и Повелбата за фундаменталните права јасно пишува дека Унијата ќе го почитува националниот и културниот идентитет, како и уставните и политичките структури, не само на членките, туку на сите нации и држави“, изјави Сиљановска-Давкова, подвлекувајќи дека овие принципи мора да се земат предвид во македонските евроинтеграции.
Во однос на барањето за уставни измени, претседателката децидно изјави дека не може да даде гаранција за нивно усвојување. Таа појасни дека пратениците ги претставуваат граѓаните, а не неа, и гласаат по сопствено уверување како во секој европски парламент. На крајот, Сиљановска-Давкова го отвори и прашањето што ќе се случи доколку повторно се иницираат уставни измени, а пратениците не обезбедат двотретинско мнозинство и потребното Бадинтерово мнозинство од заедниците кои не се мнозинство во земјава.
