Спорот за Гренланд прераснува во сериозна политичка и безбедносна криза меѓу САД и Европа, токму во пресрет на настапот на американскиот претседател Доналд Трамп на Светскиот економски форум во Давос.

Давос како тест за трансатлантскиот сојуз

Она што започна како дипломатски спор околу статусот и безбедносното значење на Гренланд, ескалираше во длабока криза меѓу Вашингтон и неговите европски сојузници. Во пресрет на заминувањето во Давос, Трамп повторно испрати пораки дека Гренланд останува императив за националната безбедност на САД.

„Одам во Давос, верувам дека патувањето ќе биде многу успешно. Земјата никогаш не била подобро. Ова ќе биде интересно патување“, изјави Трамп.

НАТО во обид да спречи продлабочување на кризата

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, најави средба со Трамп на маргините на форумот, со цел да се најдат алтернативни решенија за безбедноста на островот и да се спречи дополнително нарушување на единството во Алијансата. Американскиот претседател порача дека ќе понуди решение кое ќе ги направи и САД и НАТО „многу среќни“.

Во исто време, заканите за нови царини од Вашингтон кон Европска унија беа остро критикувани од европските лидери, кои најавија заштита на сопствените интереси.

Европски реакции и зголемени тензии

„Независноста на Гренланд не се дискутира, а заканите за дополнителни тарифи се грешка. Нашиот одговор ќе биде решителен, обединет и пропорционален“, изјави Урсула фон дер Лајен.

Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека меѓународното право се поткопува и дека Европа мора да ги користи сите расположливи механизми кога правилата не се почитуваат.

Белгискиот премиер Барт де Вевер оцени дека Европа е на раскрсница – меѓу обединување или распаѓање под надворешен притисок. Во меѓувреме, американскиот министер за финансии Скот Бесент ја критикуваше европската реакција, изразувајќи уверување дека европските земји ќе ја разберат позицијата на Трамп по неговиот говор.

Како одговор на најавените царини, Европскиот парламент одлучи да го замрзне трговскиот договор меѓу ЕУ и САД.