Заеднички сметководител, фиктивна фирма, сомнителна сопственичка структура со државјани од Хрватска и Косово. Имале залихи, а немале бензинска. Ова се само дел од нелегалните активности на група која сакала да го злоуоптреби даночниот систем.
Управата за јавни приходи успеа да спречи злоупотреба на даночниот систем и група која преку фиктивни фактури планирала да испумпа 160 милиони денари преку поврат на ДДВ. Сепак, УЈП не ги објавува имињата на фирмите, а за тоа реагира и ВМРО-ДПМНЕ.
Станува збор за три компании од Куманово и Липково кои работеле со трговија на нафта. Навремената даночна контрола спречила парите да бидат исплатени и Буџетот не е оштетен, вели директорката Сања Лукаревска.
Почетоци на сомнежите
Првиот сомнежот дека има неправилности почнал во моментот кога се менувала сопственичката структура. Од двајца Македонци управители набрзо сопственици на фирмите стануваат државјани на Хрватска и Косово. Заедничко за трите даночни обврзници е користењето на истото сметководствено биро, немале лиценца од РКЕ за вршење на дејноста, помалку пресметувале и плаќале ДДВ.
Фиктивно седиште: Имале залихи, а немале бензинска
Директорката Лукаревска откри дека првата компанија имала фиктивно седиште, имала залихи, а немала бензиска, ниту складиште. Втората компанија немала вработени, бензиска и складиште, додека третата преку поврат на ДДВ пробала да испумпа 54 милиони денари.
ВМРО-ДПМНЕ бара Лукаревска јавно да ги објави имињата на компаниите
Доказите и пријавите од ноември УЈП ги доставило до Основното јавно обвинителство, МВР и Финансиската полиција. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена го објавија случајот. Опозицијата бара Лукаревска јавно да ги објави имињата на компаниите кои според партијата биле блиски до власта.
ВМРО ДПМНЕ: УЈП да одговори кои се фирмите блиски до власта каде што завршиле парите?
Директорката на УЈП уште претходната недела го најави овој скандал.
Ќе ја испрезентираме таа мрежа на нафтени компании која што е во соодветен дослух со бензински пумпи и врз основа на тоа како сакале да го изиграат системот. На некој начин сакаат да испумпаат од буџетот фиктивен ДДВ, потенцира Лукаревска и најавува обелоденување на сите детали за јавноста, рече Лукаревска во телевизиско гостување.