Србија денеска избира нов парламент, неполни 18 месеци по последните парламентарни избори, во контекст на рекордна инфлација и масовни протести против насилството кое се претвори во опозициско движење, а фаворит за предвремени избори е владеачката СНС.

По две престрелки во мај оваа година, вклучително и едно во основно училиште, во кои загинаа 18 лица, либералната опозиција се обедини во изборниот сојуз Србија против насилството.

Либералите се надеваат дека ќе го преземат главниот град Белград. Избирачките места се отворени од 7 часот, а се затвораат во 20 часот. Првите резултати се очекуваат доцна во вечерните часови.

Последните анкети и даваат мнозинство на Српската напредна партија на претседателот Александар Вучиќ, со 40 до 45 отсто од гласовите.

Иако не е кандидат, српскиот претседател Александар Вучиќ е најпрепознатливото лице на овие избори во Србија. Тој повеќе не е член на Српската напредна странка, но го „позајми“ името и е носител на листата на СНС наречена: „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“.

Вучиќ изминативе денови речиси секој ден се појавуваше на телевизија за да повика да се гласа за СНС, сугерирајќи дека постои опасност од хаос во земјата.

„Не се работи за мене, за тоа што сакам да останам на власт. Станува збор за тоа тие да уништат сè. Ќе ни требаат 20 години за да поправиме сè“, рече тој за време на едно од неговите последни предизборни настапи.

Опозициската коалиција се залагаше за живот „без страв од моќниците“, мирно општество и подобрување на економската состојба.