Во Србија досега од вкупно 1.068 фарми на територијата на 32 општини се потврдени 1.569 случаи на африканска свинска чума кај домашни свињи, од кои угинале 782 животни, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, 17.888 свињи се еутанизирани во заразените фарми со безопасно отстранување и дезинфекција на фармата.

-Републичката ветеринарна инспекција, сообраќајната полиција и Обвинителството денес спречија транспорт на 22 потенцијално заболени свињи на територијата на градот Чачак, а против возачот на камионот ќе биде поднесена кривична пријава, се наведува на веб-страницата на Министерството за земјоделство.

Заразата стана регионален проблем, поради кој е договорена потребата од заедничко дејствување на БиХ, Србија и Хрватска за да се стави болеста под контрола, бидејќи експертите сметаат дека свинската чума најмногу ќе се шири по сливот на реката Сава. Ќе биде побарана помош и од Европската комисија.

Директорот на Ветеринарната управа на Србија, Милош Петровиќ, изјави дека овој проблем со африканската чума влијае на економијата на земјите, изразувајќи надеж дека денешната средба ќе придонесе за подобра синхронизација и заеднички чекори во борбата против оваа заразна болест.

Директорката на Управата за ветеринарна медицина и безбедност на храна при Владата на Хрватска, Татјана Карачиќ изјави дека првиот случај на африканска свинска чума во Хрватска е регистриран пред еден месец на подрачјето на Гуња и Дреновац и дека е потребна континуираната соработка во борбата против оваа болест на трите земји и државни служби за ветеринарна медицина.

-Епидемиолошките истражувања и изолацијата на вирусот покажаа дека се работи за идентичен вирус кој циркулира низ регионот – од Грција, Бугарија, Србија до Хрватска, така да само со заеднички пристап можеме успешно да дејствуваме, рече таа.

Директорот на Ветеринарната канцеларија на БиХ, Саша Бошковиќ, рече дека е неопходна заедничка акција на БиХ, Србија и Хрватска кон Европската комисија, Светската здравствена организација за заштита на здравјето на животните и ФАО во однос на барање финансиска помош за санирање на штетата предизвикана од избувнувањето на африканската чума и без заеднички активности на владите на овие земји немаат победа над оваа болест.