На терен се полицајци, пожарникари-спасувачи, припадници на планинската спасувачка служба, припадници на Жандармеријата со кучиња трагачи, ловџии и бројни граѓани. Во потрагата по девојчето се користат и хеликоптери и беспилотни летала со термо камери.

Во потрагата може да се приклучат и волонтерите во координација со полицијата.

Како што јави Радио-телевизија на Србија (РТС), полицијата и волонтерите одат од зграда до зграда за да најдат некаква трага која ќе помогне во потрагата по исчезнатиот Данко, а проверени се и напуштени згради.

Се додава дека е блокиран пристапот до приградската населба Бањско Поље кај Бор, каде исчезна девојчето, а поставени се контролни пунктови на приодот до тоа место каде полицијата врши увид на возила.

Сослушани се сите „лица од безбедносен интерес“ кои претходно имале проблеми со законот.

Полицијата за првпат го активираше системот „Најди ме“ (Amber Alert) со кој јавноста итно се информира за исчезнување на дете.

Девојчето исчезна на 26 март во Бањско Поље, се наведува во соопштението на системот.

Таа има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 сантиметри, стои во објавата „Најди ме“.

Во моментот на нејзиното исчезнување таа носела маслинесто зелена јакна, виолетови панталони и црни патики.

МВР на 26 март соопшти дека го активирало системот „Амер аларт“, односно „Најди ме“ за итно јавно известување во случај на исчезнување на двегодишно девојче во околината на Бор.

Во соопштението се повикуваат граѓаните доколку имаат некаква информација веднаш да ја известат полицијата на бројот 192.

Системот „Amber Alert“, кој постои во повеќе земји, овозможува брза дистрибуција на информации до сите граѓани, кога полицијата оцени дека неговото објавување би придонело за пронаоѓање на дете.

Итно известување вклучува испраќање порака за исчезнувањето со сите релевантни информации, прекинување на ТВ и радио програми, испраќање СМС пораки до сите граѓани, прикажување на екраните на автопатот, аеродромите, железничките и автобуските станици.

„Ова не е показна вежба, јавноста се информира за исчезнатиот малолетник“, соопштија од Министерството за информации на Србија вечерта на 26 март.

Системот „Најди ме“ беше воведен во Србија на 25 октомври 2023 година.

Извор: Радио Слободна Европа