Уапсен триесет и двегодишниот А.Д. од Србија поради шверцување осум мигранти од Сирија.
МВР информира дека денеска, во 15.40 часот, полициски службеници од Полициска станица за граничен премин и граничен надзор „Богородица“ при Регионалниот центар за гранични работи „Југ“, кај бензинска пумпа на автопат А1, го лишиле од слобода А.Д.(32) од Р. Србија, поради сомнение дека сторил кривично дело шверцување мигранти.
„Откако претходно на наплатна станица „Смоквица“ со своето патничко возило ауди А3, со скопски регистарски ознаки, не застанал на даден знак за запирање, од страна на полициските службеници тој бил затекнат при истовар на осум лица мигранти од Сирија“, соопштуваат од МВР.
А.Д. е приведен во полициска станица и известен е Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК Скопје.
„Мигрантите се пренесени во прифатно-транзитен центар и по комплетно документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена кривична пријава“, велат од полицијата.