Како што соопшти Министерството за одбрана, Шекеринска го информирала генералот Kаволи дека воената интеграција на Македонија во НАТО се одвива според планот и се очекува да заврши до крајот на оваа година. Таа се заблагодарила за ангажманот на инженериската единица на Армијата на САД во подготовката на полигонот Криволак за вежбата „Одлучен удар 21“ која деновиве се одвива на полигонот.

-Развојот на Криволак е заедничка цел, на која Армијата на Северна Македонија и Армијата на САД работат сојузнички, рече министерката.

 

Членството на Македонија во НАТО и отворањето на преговорите со Европската унија се од клучно значење за безбедноста и стабилноста во регионот, било потенцирано во разговорите.

На средбата, како што се посочува во соопштението, стана збор за важноста на развивањето на регионалната соработка меѓу сојузниците и за потребата од што побрзо разрешување на разликите во рамките на евро-атлантското семејство како дел од посветеноста на заедничката безбедност.

На состанокот со началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски и дел од армиските генерали, на генералот Каволи му биле презентирани активностите што се однесуваат на процесот на нашата потполна воена интеграција во НАТО, ангажманот во мировните операции предводени од НАТО и подготовката за потполна оперативна способност на Лесната пешадиска баталјонска група.

Во тој контекст, се посочува во соопштението, стана збор за зајакнувањето на меѓусебната соработка и учеството во вежбовните активности предводени од командата на силите на САД за Европа и Африка меѓу кои вежбата „Одлучен удар21“ како дел од вежбата „Defender Europe 21“.

Генералот Ѓурчиновски упати благодарност за континуираната поддршка од Вооружените сили на САД, при што со изведување на заедничка обука и вежби нашите единици ја зајакнаа својата способност и ја постигнаа интероперабилноста според стандардите на НАТО.

Од страна на генералот Каволи беше истакнат интензивниот интегративен прогрес кој го спроведува Армијата по полноправното членство во НАТО, притоа потенцирајќи дека тоа е резултат на одличната подготвеност и залагања на Армијата и Министерството.

-Со своето учество и придонес во НАТО мисиите и регионалната безбедност, Северна Македонија е пример за целиот регион, оцени Каволи, соопшти Министерството за одбрана.