Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес оствари средба со шефот на ОБСЕ во Македонија, Клеменс Која, со кој сподели информации во однос на моменталната политичка ситуација во земјата, здравствената и економската криза, како и во однос на криминалните афери на власта кои се случуваат на дневна основа.

Мицкоски потенцираше дека власта не се справи добро со пандемијата, набавката на вакцини доцнеше скоро половина година, а како резултат на тоа се загубија околу 6.000 човечки животи, кои за жал згаснаа како последица на корона вирусот.

Мицкоски додаде дека СДСМ и Зоран Заев од земјата направија заробена држава во која владеат криминалот и корупцијата, а главни иницијатори се високите функционери од власта кои врз грбот на граѓаните ги зголемуваат личните богатства, додека народот не може да преживее поради лошата економска состојба во државата.

Власта се однесува игнорантски кон граѓаните, нивниот глас не се слуша, а последен пример за таквиот однос е укинувањето на учебниците, кажа Мицкоски.

Дополнително Мицкоски потенцира дека власта не води сметка за интересот на граѓаните, а тоа го гледаме и со секојдневните трошења на луксузни добра, во исто време кога зборуваат за покачување на даноци.