Ова го потенцираа на денешната средба во Скопје министрите за внатрешни работи на двете земји, Оливер Спасовски и Лучана Ламорџезе.

Спасовски и се заблагодари на министерката Ламорџезе и за нејзиното учество на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа во рамки на претседавањето на Република  Македонија.

– Досегашната соработка помеѓу двете полиции се одвива во повеќе области, како што се унапредувањето и поддршката преку разни видови на едукација, обуки, студиски посети и работилници, потоа координација на проекти финансирани од ЕУ за поддршка и развој на институционалните капацитети во борбата против организиран криминал и корупција, оперативната соработка во областите на недозволена трговија со дрога, тероризмот, радикалниот екстремизам, финансиски криминал и корупција, корупција во спортот, илегалната миграција, недозволената трговија со културни добра итн, стои во соопштението од МВР.

Една од клучните активности во борбата против актуелните безбедносни предизвици, нагласи министерот Спасовски, претставува напредокот во реализирање на меѓународната соработка и зголемената размена на информации, која покрај преку веќе воспоставените канали за размена на информации како што се Европол, Интерпол… е овозможена и преку членување во меѓународните организации, иницијативи, договори, конвенции…

Поддршката од страна на италијанските институции, според Спасовски, и понатаму ќе биде од големо значење особено во полето на борба против организираниот криминал и корупцијата, кои се врвен стратешки приоритет на владите од земјите на Западен Балкан.

Министерката Ламорџезе изрази подготвеност за дополнително продлабочување на соработката, а ја потенцирала и поддршката што Италија ја дава на Република Македонија за почеток на преговорите со ЕУ.

Во рамки на поддршката за Република  Македонија, се наведува во соопштението, е и донацијата од 250.380 вакцини „Фајзер“ кои ќе бидат донирани од Италија.

Министерката Ламорџезе го поканила министерот Спасовски да го посети Рим и во таа прилика да биде потпишан Меморандумот за соработка во  борбата против трговија со дрога.