Градските власти во италијанската престолнина се обидуваат со различни методи да ги држат сколовранците подалеку од населените места. Поради огромниот број птици, локалната администрација се соочува со сериозни комунални предизвици во неколку градски квартови.

Овие птици, познати по своите спектакуларни синхронизирани летови, мигрираат во Италија во голем број од северна Европа секоја зима во потрага по потопла клима. Рим им обезбедува соодветно засолниште од предатори во текот на ноќта.

Советникот за животна средина на општината, Матео Зоки, изјави дека локалната администрација ја презела задачата да го реши проблемот и размислува кон кои зелени површини би можеле да бидат насочени птиците за да ги напуштат населените места во градот.

„Ги има стотици илјади. Имавме многу проблеми бидејќи моравме постојано да ги чистиме улиците“, рече Зоки.

Тој додаде дека ситуацијата сега е помалку сериозна отколку во претходните недели на Пјаца Џони, благодарение на интервенциите на надлежните служби и соработката на граѓаните. Според него, целта не е да се отстранат птиците, туку да се пренасочат кон други локации за жителите да можат нормално да ги користат јавните простори.

„Не мислам дека можеме да си дадеме право да ги елиминираме“, рече Зоки.

Јата сколовранци кои во последните недели им предизвикуваа големи проблеми на жителите на населбата Прати Фискали во Рим делумно се повлекоа од Пјаца Џони по интервенциите и се раширија по околните улици. Тие се забележани во областа на улиците Монте Вило и Капраја, како и по должината на Виа деи Прати Фискали.

Сколовранците се собираат во дрвјата рано навечер, создавајќи неподнослива бучава, додека нивниот измет ги покрива тротоарите и автомобилите. Жителите на особено погодените области на градот почнаа да користат чадори за да се заштитат од изметот, а дел од нив избегнуваат да ги паркираат своите возила под крошните на дрвјата.

Поради обемот на проблемот, градските власти користеа различни методи за растерување на птиците за време на тридневната кампања оваа недела. Жителите и сопствениците на локали беа поканети да емитуваат снимки од предупредувачки и вознемирувачки повици на сколовранците од нивните балкони и прозорци, а за таргетирање на врвовите на дрвјата беа употребени и ласерски зраци.

Во кампањата учествуваше и обучен грабливец по име Џеронимо, кого соколарот го носеше на рака под дрвјата каде што се собираа јатата. Потпретседателот на комитетот „Прати Фискали“, Марко Марин, посочи дека сè поголем број граѓани пријавуваат проблеми, при што некои почнале да користат пушки за да ги растераат птиците, надевајќи се дека бучавата ќе ги исплаши.

Експертите предупредуваат дека честата употреба на пиротехнички средства може да има спротивен ефект, бидејќи птиците со текот на времето се навикнуваат на гласните звуци и не ги доживуваат како реална закана. На барање на општинскиот оддел за заштита на животната средина, екипи од комуналното претпријатие „Ама“ се ангажирани во редовно чистење на улиците погодени од присуството на птици, со цел да се ублажат хигиенските проблеми и непријатните мириси.

Според Алесандро Монтемаџори, експерт за овој вид птици на Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим, сколовранците мигрираат во италијанската престолнина веќе околу 80 години. Проценките од пред една деценија покажуваа дека во градот имало околу еден милион птици, но нивниот број денес би можел да биде преполовен. Студија од 2021 година на „БрдЛајф Интернешнл“ исто така покажа умерен пад на популацијата на сколовранци на територијата на Италија.