Претседателот Стево Пендаровски го прими Ричард Нефју, глобален координатор за антикорупција на американскиот Стејт департмент.
На средбата се разговараше за актуелни теми врзани со борбата против корупцијата и напорите на државата за воспоставување на ефикасен систем за превенција на корупцијата и судирот на интереси.
На средбата, Пендаровски истакна дека борбата против криминалот и корупцијата, на секое ниво, вклучувајќи ја високата корупција, е од исклучително значење во напорите за градење на правната држава и за стекнување на доверба на граѓаните во институциите.
Пендаровски посочи на подготвеноста на државата, во согласност со националните приоритети, да ја продолжи соработката со САД во напорите за сузбивање на корупцијата, а во функција на унапредување на демократските процеси во државата преку овозможување на добро управување и владеење на правото.
На средбата, Пендаровски истакна дека Република Македонија високо ја цени поддршката и помошта што ја добива од САД во нејзините напори за подобрување во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата и изрази очекување таа да продолжи преку поддршка во градењето на капацитети.