Специјалниот претставник на Белата куќа, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, се очекува да се сретнат во петок во Истанбул за разговори околу евентуален нуклеарен договор, објави порталот „Аксиос“, повикувајќи се на неименувани извори. Трет извор ги потврдил информациите и оценил дека таква средба е „најдоброто можно сценарио“, но додал дека „ништо не е дефинитивно додека не се случи“.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денес нареди почеток на преговори со Соединетите Американски Држави, а агенцијата Фарс објави дека постои можност двете земји да постигнат договор за нуклеарното прашање.

Претходно, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјави дека Иран ги разгледува деталите од различните дипломатски процеси за управување со тензиите со САД и дека се разменети мислења за повеќе точки од преговорите. Тој посочи дека Техеран се надева на резултати во наредните денови.

„Аксиос“ синоќа објави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп преку неколку канали им порачала на иранските власти дека е отворена за преговори и дека средба меѓу делегациите би можела да се одржи оваа недела во Турција.

Според истиот извор, Турција, Египет и Катар, кои се ангажирани во напори за спречување на поширок регионален конфликт, се залагаат договорот да спречи можна војна во регионот и сакаат Виткоф и високи ирански претставници да присуствуваат на потенцијалниот состанок во Турција.

Службеници на Белата куќа посочиле дека Трамп не донел конечна одлука дали да го нападне Иран и дека останува отворен за дипломатско решение. Воедно, нагласиле дека неговите изјави не треба да се сфаќаат како блеф и дека не е јасно дали врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, ќе им дозволи на иранските претставници да преговараат со САД.

Минатата недела, Трамп изрази надеж дека може да се постигне договор со Техеран и дека не е изненаден од пораките на Хамнеи. Во говор во Техеран по повод годишнината од враќањето на имамот Хомеини и почетокот на празникот Фаџр, Хамнеи предупреди дека евентуална војна меѓу САД и Иран може да прерасне во регионален конфликт.