Тимот „МакБот Пионери“ од СОУ „Гошо Викентиев“ од Кочани, кој беше македонски претставник на Светското првенство по роботика, во исклучително силна конкуренција го освои 15. место.
На првенството од First Lego лигата, што се одржа во градот Маракеш во Мароко, учествуваа вкупно 66 тимови од 54 држави во светот, а нашите претставници во севкупна конкуренција беа меѓу најуспешните.
– Горди сме со нашиот пласман, особено што во конкуренција ни беа многу силни тимови од Бразил, Јапонија, Германија, Франција. Станува збор за земји кои вложуваат големи финансиски средства за опрема и обука на натпреварувачите, но ние докажавме дека и покрај скромните услови можеме да се носиме со зададените задачи и предизвици во роботиката и да постигнеме добар успех. Со многу емоции, незаборавни искуства, спомени од прекрасно поминатите денови во дружењето со тимовите од целиот свет, од различни култури, стекнавме нови пријателства и знаења. Благодарни сме што Општина Кочани и повеќе наши сограѓани и компании ни помогнаа да го доживееме натпреварувачкиот дух и достојно да го претставиме училиштето, градот и нашата земја и култура, истакна Спирко Златков, директор на СОУ „Гошо Викентиев“.
Темата на годинашното Светското првенство по роботика беше „Супер моќни“, а сите учесници се натпреваруваа во изработка на проект, претставување на проектот, дизајн на робот и роботска игра. Тимот „МакБот Пионери“ во сите четири дисциплини покажал одлични познавања, за што добил писмено признание од организаторот.
Учениците од Кочани беа севкупни победници на Државниот натпревар по роботика што минатиот месец се одржа во Штип, а го организираа Академијата за роботика и иновации и Универзитетот „Гоце Делчев“. Со тоа се стекнаа со право да ја претставуваат државата на меѓународниот натпревар во Мароко.