Големината и богатството на еден народ се состои во можноста несебично и на другите народи да им ги пренесе своите знаења како што преку македонските просветители Светите браќа Кирил и Методиј со писменост се даруваа словенските народи. Делото на Светите Кирил и Методиј во вековите е запишано како рамноапостолно и свето со кое се издигаат словенските народи со писменост и проповед на христијанството.

Како православен македонски народ, денес чувствувајќи радост, да размислуваме за големината на делото со кои не задолжија Светите Кирил и Методиј, па обединувајќи се во верата, вистинските добродетели и меѓу себе да ја искажеме нашата искрена благодарност.

Денес кога сме загрозени од оние околу нас ние Македонците сме заветени нашиот јазик да го чуваме, негуваме и почитуваме, бидејќи со тоа уште повеќе ја вреднуваме нашата култура и традиција, нашата историја и памтење, го воздигнуваме нашето име и идентитет и на тој начин им оддаваме вистинска и достојна почит на нашите Свети учители.

Врежано е во помнењето дека токму ние Македонците сме нивните горди наследници и ние сме тие кои го продолжуваат нивното завештание да вложуваме во сопственото образавание и да ја чуваме и проддолжиме нивната света мисија.

Во името на Социјалистичката партија на Македонија и во свое име до македонскиот народ, православните верници и просветните работници упатувам искрени честитки за светлиот 24 Мај, Денот на македонските и сесловенски просветители и учители Свети Кирил и Свети Методиј.

Љупчо Димовски, Претседател на СПМ