Народот во Македонија е несреќен затоа што тој знае дека нема пониски цени на храна, плаќа највисоки сметки за струја, има најмали пензии и плати, секојдневно слуша за корупција, а кога треба да оди во болница, нема соодветни лекари, пишува Гордана Димитриеска – Кочоска за Фокус.

Пред еден ден, официјално почна пролетта. Вообичаено, тоа е најубавото годишно време, кое создава убави чувства, надеж, позитивни мисли и чувство на среќа.

Во пресрет на пролетта излегоа податоците за најсреќните земји во светот, каде што Финска веќе 6 години по ред го држи првото место.

За разлика од Македонија, која е на 87-то место, заедно со земјите што некогаш ни служеа за пример на несреќа и лош живот, а денес дури и на Балканот сме најнесреќна земја.

И иако првпат добиваме ваква информација, звучи многу болно. Кога длабоко ќе размислиме, ние навистина веќе подолг период живееме многу несреќно.

ПОРАНО СЕ ГРАДЕШЕ, ДЕНЕС Е МРТВИЛО

Од земја во која животниот стандард се движеше по нагорна линија, можеби не со некое забрзано темпо, но, сепак, имаше позитивен тренд, станавме земја во која сѐ замрзна или се движи надолу.

Некогаш се градеа театри, патишта… Денес е мртвило. Ќе речете еве повторно политички говор, но токму политиката во последните години е таа што нѐ донесе до ова мртвило.

Природно е да се менуваат влади, затоа што народот сака да биде среќен, затоа што сака да живее подобро, децата да му се школуваат во подобри услови, да можат да се вработат во согласност со завршеното образование, да има повисоки плати, пензии, да нема криминал… И затоа народот на избори излегува и гласа верувајќи дека ќе биде подобро.

Но, дали Македонија доби нешто подобро!? Веднаш по изборите во 2020 година имаше зголемување на цената на струјата. Порастот на цената на струјата беше резултат на неспособноста на владата. Тој ден кога се покачи цената на струјата беше предвесник за она што го живееме денес.

Стручни лица ова ќе го препознаеја, но луѓето во владата не. Не знам дали е поради тоа што се нестручни и кусогледи, но сигурно знам дека повеќе време посветуваат на корупцијата и како да си ги наполнат сопствените џебови, а многу помалку на подолгорочна стратегија.

Од почетокот на 2020 година до денес, владата нѐ задолжи за над 2 милијарди евра, а доколку се оствари проекцијата за 2023 година, тогаш тој износ ќе биде 2,65 милијарди евра, а никој жив не виде со голо око каде завршија парите.

Дури ниту на сериозните забелешки во ревизорскиот извештај од ДЗР за искористеноста на средствата во 2020 и во 2021 за ковид-мерки не дадоа коментар, иако таму јасно стои дека потрошените средства се трипати помалку во однос на тоа што го зборуваа во јавноста.

За споредба, од 2008 до 2012 година, со исто така две големи кризи во кои имавме и повисока инфлација од вообичаената (8,3 проценти – 2008/2007), долгот порасна за 885 милиони евра, а инфлацијата се стабилизираше за кратко време.

ЗАРАБОТКА НА ГРБОТ НА ГРАЃАНИТЕ

Откако го испразнија буџетот, почна криза за која нема доволно средства да можат да ја финансираат, и сега нов тренд е замрзнувањето на цените. Но, дали тоа дава резултати? Секојдневно имаме по некоја популистичка мерка или говор, а во продавниците цените не се стабилизираат.

Интересно е во кои моменти владата носи одлука за замрзнување на цените. На пример, податоците за јануари и февруари 2023, во однос на 2022, говорат дека лебот и житата се пораснати за 39,5 проценти, месото за 28,9 проценти, а млекото, сирењето и јајцата за 36,5 проценти.

Повеќе од јасно е дека, и покрај сите мерки, цените во некој период од годината вртоглаво растат и на тој начин стопанствениците си ги покриваат своите „загуби“ создадени во оној период кога цените биле замрзнати.

А што прави владата? Излегува на пресови со приказни за заштита на населението од повисоки цени. Во дадениот момент тоа можеби и е така, но затоа на еден подолг рок, некој повторно заработува на грбот на граѓаните.

Граѓаните тоа го гледаат и затоа народот во Македонија е несреќен. Затоа што тој знае дека нема пониски цени на храна, плаќа највисоки сметки за струја, има најмали пензии и плати, секојдневно слуша за корупција, а кога треба да оди во болница, нема соодветни лекари (затоа што кај најдобрите можете да закажете само со врски), лекарствата, или ги нема, или се скапи.

Е затоа почитувани читатели, во секое семејство се слуша само едно: Бегај што подалеку од ова несреќно место, каде што иднина веќе никој не гледа. И затоа 87-цата ќе ни звони во ушите сѐ додека оваа власт управува со Македонија.