Српските туристи се многу заинтересирани за патување во странство за време на претстојните велигденски и првомајски празници, а според директорот на Националната асоцијација на туристички агенции на Србија ЈУТА, Александар Сеничиќ, овој интерес е уште поголем отколку во годините пред Ковид, при што срспките граѓани повеќето планираат да патуваат во европските земји, но и во Охрид и Скопје, јави дописникот на МИА од Белград.
-Најголем интерес во европските градови е пред се за најевтините патувања со автобус. Тука имаме различни патувања од две до пет до шест ноќевања во зависност од дестинацијата, а најинтересни градови се Истанбул, Солун, Софија, Темишвар, Прага, Виена, но и градовите од северна Италија како и оние од нашата непосредна околина, изјави Сеничиќ за Танјуг.
Тој додаде дека во соседството на Србија, за туристите од Србија најинтересни се градовите во Македонија, Охрид и Скопје, кои ги посетуваат или во комбинирани тури или самиот Охрид, како и Црна Гора.
Според него, постои голем интерес и за градски тури во Босна и Херцеговина, Требиње, Сараево, Бања Лука, Мостар.
-Повеќето луѓе ќе бидат на вакви патувања со оглед на ниските цени кои се движат од 30 до 39 евра и до 200 евра, во зависност од дестинацијата и должината на престојот, рече Сеничиќ.