Основниот суд во Штип донел решение за поведување претходна постапка за утврдување на причините за отворањeто на стечајната постапка за Баргала АД Штип, а на акционерското друштво му е изречена забрана да располага со имотот без одобрение на стечајниот управник, како и забрана за одредување или спроведување на присилно извршување или обезбедување против ова АД.
-На предлог на работниците застапувани од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) поради неисплатени повеќе од три плати и тоа што сметките на должникот Баргала АД Штип се блокирани повеќе од 45 дена, Основниот суд во Штип, преку стечајниот судија Емил Пилатов во законскиот рок донесе Решение за поведување на претходна постапка за утврдување на причините за отварање на стечајна постапка над имотот на должникот Баргала АД Штип и именуваше привремен стечаен управник. На должникот Баргала АД Штип му е определена општа забрана за располагање со која му е забрането да располага со имотот без одобрение на стечајниот управник, како и се забранува одредувањето или спроведувањето на присилно извршување или обезбедување против должникот, информираат денеска од ССМ.
Од Синдикатот ја поздравуваат брзата реакција на судот и стечајниот судија Емил Пилатов.
-На привремениот стечаен управник му укажуваме дека првенствено треба да води сметка дека работниците својата егзистенција и егзистенцијата на своите семејства ја обезбедувале во компанијата, и оотука прво треба да води сметка за спроведување на решенијата издадени од страна на надлежни државни органи и институции, а на самонаречениот ,,Газдата”, ССМ заедно со работниците му порачуваме дека денес и тој е ист со нас и дека против сложни и напатени работници сила не се покажува, се вели во соопштението од ССМ.
Институциите, велат од Сојузот на синдикати на Македонија, преку соработката и брзите реакции покажале дека активностите кои ги спроведува ССМ како единствен легитимен претставник на работниците, кој и во најтешките моменти, заедно со нив рамо до рамо се издржани и легитимни.
-На работниците им укажуваме дека кога се храбри и одлучни, се многу посилни и од најлошиот работодавач, а ССМ е секогаш тука да ги застапува само нивните интереси и барања, истакнуваат од ССМ.