ССНМ смета дека е недозволиво политичари од највисок ранг да етикетираат медиуми и да оценуваат новинарски производи само затоа што не им се допаѓа содржината.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во неговиот јавен говор пред присутните на партиска трибина директно нападна една национална телевизија поради тоа што во својата информативна програма пренела одредено расположение на граѓани, односно искажано незадоволство на студентите од висината на студентскиот оброк.

Потсетуваме дека со замолчувањето на медиумите, се замолчува гласот на граѓаните, а ваквите вербални таргетирања од политичари чијшто збор треба да има тежина може да предизвика и ограничување на слободата на медиумите.

Политичарите мора да имаат поголемо чувство за последиците од нивните јавно искажани зборови кои допираат до одреден број на нивни следбеници и со тоа создаваат атмосфера за негативни чувства кон новинарите и медиумите, кои што според искуството речиси секогаш резултирале со вербални, па дури и со физички напад врз медиумските професионалци.