пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ

Недела, 21 март 2021 година, надвор врне. Верниот член на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, партија која наскоро ќе биде преименувана во Социјалдемократи од Северна Македонија се упатува кон својата Општинска Организација за да гласа на претстојните внатрепартиски избори.

-Овие избори се изблик на внатрепартиската демократија. За прв пат во историјата на нашата земја еден лидер на партија се бира на внатрепартиски избори. – гордо истакнуваат чиновниците во неговата партија додека членот на СДСМ занесен во победата на револуцијата чекори до гласачката кутија за да помогне во новата победа.

Тој, членот на СДСМ е еден од шеесетина илјади кои имаат право да гласаат на овие избори. Тој е дел „Пошироката партија“ во Орвеловата 1984. Членот на „Пошироката партија“ не живее толку добро како членот на „Потесната партија“, но, за разлика од „Пролите“ (тоа се сите оние кои не членуваат во партија), тој има значајни придобивки иако не е дел од најпривилегираната група. Барем може да се вработи…

Членот на „Пошироката партија“ нема ниту право, а богами ниту потреба да размислува зошто на изборите има само еден кандидат, Зоран Заев?

Такво право, се разбира, има членот на „Потесната партија“ – но за него тоа што на изборите има само еден кандидат, не би требало да претставува никаков предизвик за демократијата! Па што да правиме кога сите се кукавици и никој нема храброст да му се спротистави на нашиот лидер?

-Овој човек не заслужува да има соперник, затоа што успесите кои ги постигна се преголеми. Не ми останува ништо друго освен да му напишам песна. Поезијата секогаш била начин на кој се артикулираат ваквите големи историски победи и личности! – размислува членот на „Потесната партија“ во СДСМ.

Песна напишана од Васко Ковачевски, директор на ЕСМ, за премиерот и партиски претседател Зоран Заев.

За партиската поезија и хвалоспевите кон лидерот можеби некои задрти таму по социјални мрежи ќе те исмеваат. Можеби, потајно и твоите сопартијци ќе шепотат по ходниците за тоа како се вовлекуваш во задникот на лидерот. Но кому му е тоа грижа? На крајот од денот, за убавите зборови кои си ги напишал ти ќе добиеш функција и безбедни приходи за своето семејство.

Лидерот сака да биде пофален, лидерот ужива во улагата на историска фигура, лидерот сака да се почувствува како лидер – ти само му го даваш тоа чувство а за возврат ги добиваш сите придобивки на денешницата.

Избори со само еден кандидат се симбол за тоталитарен режим

Емпириски, во историјата не постои ниту еден пример на демократска држава во која се одржале избори (па макар и внатрепартиски) на кои има само еден кандидат. Во партиите се случувало да има само еден кандидат, но, само во оние примери во кои лидерот не се избира на директен начин преку избори туку преку конгреси или одбори.

Токму затоа, примерот на внатрепартиски избори во СДСМ не само што потсетува туку практично ги копира тоталитарните режими од минатото и сегашноста.

Тоа што Заев ќе биде избран како единствен кандидат него го става во друштвото на Адолф Хитлер, Јозеф Стали, Хуго Чавез, Фидел Кастро и Ким Јонг Ун…

Можеби нашиот диктатор изгледа смешно во споредба со овие лидери, но, убавината на емпирискиот пристап во ваквите анализи е тоа што не не интересираат детали туку само методолгија.

ЛЕВО: Гласачко ливче од нацистичка Германија со само еден кандидат, Адолф Хитлер. ДЕСНО: Јозеф Сталин гласа на избори во Советскиот Сокуз на кои тој е единствениот кандидат.

Задолжителна литература

Ако се пристапи кон сериозна реформа на образованието, за да се стимулира критичко размислување кај младите, тогаш две книги мора да се најдат како задолжителни лектири за средношколците. Тоа се „1984“ од Џорџ Орвел и „Храбар нов свет“ од Олдус Хаксли.

Овие двајца британски автори (Хаксли му бил професор по француски на Орвел) на најбрутален начин ви ги прикажуваат двете различни школи на тоталитарниот начин на владеење. Жанрот во кој се пишувани споменатите романи е „Дистопија“, односно предвидување на црната иднина наместо на идеалната иднина која е тематика на утопистичките автори.

Се разбира, двајцата не можеме да ги видиме во пракса во чиста форма, затоа што сепак пишуваат романи, но, секогаш може да ги видиме испреплетени во секој систем кој има барем мала тоталитарна нишка. Орвел и Хаксли се реалност на многу места на планетата. Реалност се и во Македонија.

Да речеме, една од главните задачи на Министерството за Вистина во Орвеловата 1984 е да ги фалсификува бројките во статистиките. Тоа ве потсетува на претстојниот попис зарем не? Попис кој сите знаеме дека ќе биде фалсификуван поради политички причини. Впрочем, нашите власти секојдневно не оптоваруваат со статистики кои се фалсификувани.

-Статистиките треба да се фалсификуваат, за власта да не биде доведена во прашање. – е пермисата на 1984, но и на СДСМ 2021.

Во 1984 има „Полиција на мислите“, кај нас има фејсбук фактчекери кои не цензурираат по интернет. Толку е фатално исто, што дури и редефинирањето на историјата е пракса. Еве ви еден цитат од книгата на Орвел, па самите процените дали авторот на оваа книга која е објавена на 8ми јуни 1949 патувал низ времето и дошол во Македонија во 2021.

-Ако Партијата може да ја стави раката во минатото и да каже дека овој или оној настан: тоа и тоа воопшто не се случило, тоа е, секако, поужасно од секое мачење и смрт.
Партијата вели дека Океанија никогаш не била во сојуз со Евроазија. Тој, Винстон Смит, знае дека Океанија беше во сојуз со Евроазија пред само четири години. Но каде постои тоа сознание? Само во неговата свест, која, секако, за кратко време ќе биде уништена. И ако сите ја прифаќаат лагата што Партијата ја наметнува – ако сите записи ја пишуваат истата приказна – тогаш лагата преминува во историја и станува вистина. Кој го контролира минатото, гласеше паролата на Партијата, ја контролира и иднината; кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото.
Но сепак, иако по природа менливо, минатото не се измени. Се што е вистина денес, вистина е од прапочетокот до вечноста. Работата беше многу проста. Потребна беше само бескрајна низа на победи врз сопственото помнење. Тоа се викаше контрола на стварноста; а на новоговорот – двомисла. – пишува Џорџ Орвел во својот роман 1984.

Зарем сѐ уште верувате дека Бугарија овде била фашистички окупатор? Дека постои македонски јазик? Дека Гоце Делчев бил македонец? Дека Џемо Хаса е нацист? На властите тоа не им е грижа, затоа што наскоро таа информација ќе постои само во вашата свест, а ќе ја избришат од институционалната меморија. Методот е ист и ќе помине доколку не се спротиставиме.

За методолошките сличности ќе пишуваме малку подоле, споредбено со замислата за иднината на Хаксли, која пак е пософистицирана од онаа на Орвел но во истовреме далеку поманипулативна. Во „Храбар нов свет“ на Хаксли ве контролираат преку забава и страст.

Нормално, доколку Мила Царовска ме послуша и ги вметне овие две книги како задолжителна литература, тоа ќе значи дека самиот концепт за реформи во образованието ќе и падне во вода. Затоа што тој концепт буквално е ископиран од желбата за идентитетско редефинирање на човекот по која се води секој можен тоталитарен режим од сегашноста, од денешнината но и од иднината!

Нашиот диктатор е смешен

Можеби човекот кој е единствен кандидат на конгресот на СДСМ ви изгледа смешно, апсурдно, просто. Но самото тоа што тој сака да ја наметне својата идеја за тоа како треба да изгледа еден Македонец во 2021 година е тоталитарна тенденција.

Погледнете, ние имаме претставник на Евровизија кој воопшто не не претставува ниту нас како народ, ниту Македонија како нација. Тој ги претставува единствено нашите владетели и културата која тие ја воспримаат, начинот на живот кој тие ни го наметнуваат. Доаѓаме во ситуација, 80% од народот да навива против својата земја. Но тоа нив не им е грижа! Тие само сакаат својата реалност да ни ја прикажат како единствена и сите останати да не тргнат на маргините. Тоа што на маргините ќе биде тргнато огромно мнозинство од населението, не им е воопшто грижа.

Олигархиски колективизам е системот кој владее во 1984. Олигархија е кога малцинство наметнува политичка, културолошка власт на мнозинството кое го владее и го модифицира по своја желба. Нешто што во секој случај се случува кај нас.

Лагата која вие секој ден ја слушате како излегува од нивните усти за нив не е лага! Затоа што двосмислата со која тие живеат и новоговорот кој ни го наметнуваат не познава вистина различна од нивната. Се она што ние кај него го гледаме како апсурд и глупост, тие го гледаат како доблест! Затоа што за нив:

ВОЈНАТА Е МИР
СЛОБОДАТА Е РОПСТВО
НЕЗНАЕЊЕТО Е МОЌ
-Џорџ Орвел 1984

Можеби појавноста на нашиот лидер ви изгледа смешна, а тој за вас е добродушно можеби помалку просто човече. Но потсетете се колку луѓе се политички затвореници во оваа земја? Погледнете ги снимките од тепањето на невини луѓе, погледнете го институционалното дивеење на партијата на власт. Ќе ви стане многу појасно дека кога ќе слушнете лага од него, тоа не е лага со која тој само сака да остане на власт. Тоа е лага со која неговата чизма сака да ве гази.

Финалето е дека Сталин е горд на СДСМ, Орвел е пророк а Хаксли чека да дојде на ред!

Стрипот на Стјуарт Мекмилен

За крај можам само да ве посоветувам, доколку имате време да ги прочитате двете книги. Ќе се изненадите од тоа како функционира психологијата на најверните послушници на оние кои го наметнуваат режимот. Тие кои утре ќе се упатат кон гласачките кутии и ќе гласаат на избори со само еден кандидат.

Стујарт Мекмилен има подготвено добар стрип за двете книги кои ги опишав погоре. Некој го превел на македонски јазик (веројатно сеуште овој јазик постои). Стрипот го копирав и ви го давам на увид:

 

П.С. Двете книги биле забранети во многу од тоталитарните системи!