Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменковска-Трајковска на собраниската дебата за ребаланс на Буџетот рече дека истиот говори само за недомаќинско или расипничко работење на Владата и ништо повеќе.
„Со вашето вакво лошо работење направивте 753 милиони евра буџетски дефицит или 32,2 проценти. Не убедувавте дека се е во ред и дека Буџетот за годинава е добар, ако беше добар Буџетот, ако економијата беше добра зошто тогаш толкав дефицит, зошто сега ребаланс“, рече пратеничката Стаменковска-Трајковска.
Според пратеничката граѓаните и генерално никој не знае кај се потрошени парите од минатата година, а сега исто не се знае ни што ќе правите со оваа милијарда.
Стаменковска-Трајковска укажа дека СДСМ само зборува што направило ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ направи многу, а јавниот долг беше околу 40 проценти, а сега е нешто повеќе и од 65 проценти. Тоа е огромна разлика“, рече Стаменковска-Трајковска.
Обраќајќи се на министерот за финансии, Фатмир Бесими, пратеничката потсети дека говорејќи минатата година за Буџетот на 2021 година рекол дека се е плански.
„Да, убедувате дека се е плански, ама во реалноста гледаме некои сосема други работи. Гледаме зголемување на средства за патни трошоци за купување автомобили и слично. А вие најавувавте дека Буџетот за 2021 година ќе биде за економско заздравување, а реалноста покажа дека за ништо не ве бива“, рече Стаменковска – Трајковска.