Коста Кеџмановиќ (13) кој на 3-ти мај го изврши масакрот во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар во Белград, кога уби девет и рани седуммина, ова тешко злосторство го извршил „како возрасен“, поради што сите сметаат дека тој мора да одговара.
Како што објаснуваат експерти за српските медиуми, иако според законот момчето не може кривично да одговара за делото, потребно е да се најде начин да се казни. Сознанието дека малолетник до 14 години не може да оди во затвор и дека не може да му се суди, ја вознемири јавноста која со денови се прашуваше „што ќе биде со извршителот на масовното убиство“, а уште повеќе граѓани ги мачи прашањето „Дали и кога повторно ќе се најде тој на нашите улици?“.
Ученикот од 3-ти мај е сместен во психијатриска установа и доколку стручните анализи покажат дека не смее да се врати меѓу луѓето бидејќи претставува опасност, би можел да остане во затворена институција до крајот на животот.
Ратомир Антоновиќ, експерт за безбедност, за српските медиуми вели дека врз основа на сите достапни информации, момчето од Врачар се однесува како возрасен, а доказ за тоа е неговиот список со убиства, прецизниот план, приоритетните цели и стратегијата за масакрот.
-На момчето треба да му се суди како на возрасен, бидејќи ги има сите сегменти и параметри на возрасен. Би се залагал законот да предвидува психијатриски проценки да се вршат и кај децата за да се утврди дали тие биле здрави во моментот на стореното дело. Сметам дека тоа треба да биде редовна проценка и вештачење, бидејќи ако истото дете е подготвено да направи вакво нешто, тогаш треба да биде казнето, наведува Антоновиќ.
Со овој став се согласува и адвокатот Жељко Симиќ, кој ја достави иницијативата до надлежните, за промена на кривичниот закон.
-Дете кое е подготвено да планира, да прави список, а во меѓувреме да прешкрта дете со кое го подобрил односот, ни покажува дека е свесно за се што прави. Го проучил целиот план, го спроведе во дело, а тоа е манифестација на зрелоста на возрасен човек, изјави Симиќ, чие дете оди во училиштето каде што се случи масакрот.
-Делото го извршил како зрел возрасен и така треба да му се суди! Тоа е доволен параметар за каква личност се работи. Сметам дека иницијативата што ја поднесов до надлежните требаше да заживее и да биде прифатена, бидејќи е важно да се испрати силна порака до децата дека не треба да калкулираат дали ќе направат нешто лошо и буквално ќе останат неказнето.
Адвокатот Вељко Делибашиќ изјави дека најдобро би било тринаесетгодишникот да остане доживотно во психијатриска установа, а на граѓаните да им се објасни што значи тоа.
-Тоа е затворена психијатриска установа, која луѓето ја нарекуваат лудница и тоа нека биде пораката што се испраќа. Желбата на сите нас е тој засекогаш да остане во лудница, но ако строго го почитуваме законот, а мислам дека мораме, тогаш има големи шанси да не се случи тоа ако не е луд. Мора да има некоја ментална болест која го оправдува притворот во ментална установа, а тоа ќе го кажат лекарите, не можеме да го кажеме. Неспорно е монструм, но кривичното право не може да реагира на тоа, истакна адвокатот Вељко Делибашиќ.