Лондон воведува нови мерки против организации кои ги смета за закана за националната безбедност
Британската влада ќе го стави Иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) на листата на терористички организации, заедно со уште две групи поврзани со Иран и Русија.
Одлуката е дел од новите овластувања што ѝ дозволуваат на владата да ги означи како закана и организациите кои, според проценките на властите, се поддржани од странски држави, пишува „Телеграф“.
Премиерот Кир Стармер со месеци беше под притисок од дел од пратениците на неговата Лабуристичка партија, но и од опозицијата, да ја забрани ИРГЦ.
Новите овластувања беа изгласани во британскиот Парламент минатиот месец. Тие воведуваат кривични дела за лицата кои поддржуваат или промовираат групи официјално означени како закани поврзани со држави.
Министерката за надворешни работи Ивет Купер го повика иранскиот амбасадор Сејед Али Мусави за да го информира за одлуката.
Забрана и за група поврзана со Иран и руски воено-разузнавачки корпус
Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд во Парламентот изјави дека Велика Британија идентификувала активности поврзани со ИРГЦ кои вклучуваат закани по живот и заплашување на британска територија.
Покрај Иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда, британската влада ќе го забрани и Исламското движење на пријателите на правата (IMCR), организација поврзана со Иран која се товари за серија напади врз еврејската заедница во Велика Британија.
На списокот ќе биде додаден и Доброволниот корпус на руската воено-разузнавачка агенција ГРУ, кој исто така ќе биде прогласен за терористичка организација според новиот закон.
Според новите правила, повикувањето на поддршка за забранети групи или јавно изразување ставови со кои тие се поддржуваат ќе претставува кривично дело.
Како прекршок ќе се смета и помагањето на овие организации во активности поврзани со Обединетото Кралство, како и прифаќањето или задржувањето материјална корист обезбедена од нив.
За прекршување на новиот закон е предвидена максимална казна до 14 години затвор, парична казна или двете мерки заедно.
