Пожарот кој неколку денови беше активен на планината Жеден е ставен под целосна контрола, информираше вечерва директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. Огнената стихија навлезе во атарот над селото Бојане, а според Ангелов, се очекува целосно да биде изгасната.
Чадот што се чувствуваше во Скопје значително ќе се намали
Ангелов посочи дека со ставањето на пожарот под контрола значително ќе се намали и чадот кој од ова подрачје се движеше кон Скопје и се чувствуваше низ градот.
Противпожарните екипи ја спасија шумата
Командирот на тетовската противпожарна единица, Авни Амети, информираше дека се изгаснати околу 90 проценти од површините зафатени со пожарот. Тој оцени дека пожарот бил со голема јачина и упати апел до граѓаните да бидат внимателни поради високите температури, нагласувајќи дека секојдневно има по 12 до 13 пожари.
Според Центарот за управување со кризи, до 13 часот денеска биле регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор, од кои пет биле активни, еден под контрола, а осум биле изгаснати.
