„Имавме една макотрпна изборна кампања каде што ги посетивме сите населени места, ги посетивме сите маала, сите улици во општина Гази Баба, добро ги слушнавме проблемите со кои што се соочуваат граѓаните. Граѓаните ни ја дадоа довербата и веднаш се зафативме со работа и да ги решаваме проблемите со кои што се соочуваат нашите сограѓани“, истакна Бобан Стефковски, градоначалник на општина Гази Баба во утринска емисија на Алфа телевизија.
Стефковски додаде дека секој ден му започнува со иста динамика која трае долг период, од утринските часови па до вечерните часови.
„Функцијата градоначалник не подразбира само работа во канцеларија и административна работа туку подразбира работа на терен, увид во одредени градежни активности што ги правиме, прием на граѓани кои што имаат проблеми, нормално да ги детектираме и решаваме истите тие проблеми. Затоа можам да кажам дека она темпо што го имавме претходно од минатиот градоначалник драстично се промени. Граѓаните ни ја дадоа одговорноста и тука сме посветено да работиме во нивни интереси“, појасни Стефковски.
Стефковски посочи дека тој има обврска пред граѓаните да ја реализира ветената програма со проекти со цел подобрување на животот на граѓаните во Гази Баба.
„Во секојдневниот контакт со граѓаните и слушајќи ги нивните проблеми и потреби, природно е да го почувствуваме и социјалниот и економскиот момент кај граѓаните. И од тој аспект ние како Општина, јас како градоначалник, започнавме со една хуманитарна акција „Биди општествено одговорен – донирај“ и на нашиот повик се пријавија голем дел на компании од општина Гази Баба со дел од нив во текот на вчерашниот ден потпишавме меморандум за соработка. Тоа се фирми „Макстил“, „Пивара“, „Либерти Скопје“, „Мак ауто стар“, „Виталиа“, „Алколоид“ и во текот на вчерашниот ден имаме и други фирми што се приклучија и во наредните денови и ќе склучиме меморандум со истите. Целта е заедно со компаниите да обезбедиме хуманитарни пакети кои што ќе ги доделиме на социјално ранливите семејства бидејќи знаеме дека пред нас престојат новогодишни и божиќни празници и сакаме на овие семејства да им овозможиме овие празници да ги поминат во една попријатна атмосфера и без некое посебно оптеретување по така нивниот скромен семеен буџет“, рече Стефковски.