Државниот секретар на САД Ентони Блинкен информираше денеска дека со депонирањето на инструментите за ратификација на Договорот за правната положба на НАТО, договорот стапил во сила за Македонија.

На 4 декември 2023 година Република Македонија ги депонираше интрументите за ратификација на Договорот за статусот на Организацијата на Северноатлантскиот договор, националните претставници и меѓународниот персонал, соопштува Блинкен.

Според точка 26, параграф 2, Договорот за НАТО стапи во сила за Република Македонија на 4 декември 2023 година, се вели во депозитарното известување на Стејт департменот.

Лани во јуни Македонија го потпиша Договорот за правната положба на Организацијата на Северноатлантскиот договор, националните претставници и меѓународниот персонал, усвоен во Отава на 20 септември 1951 година, познат како Договор од Отава, соопшти тогаш МНР.

Договорот од Отава, чиј депозитар е Владата на САД, претставува правна рамка неопходна за функционирање на Организацијата на Северноатлантскиот договор и за извршување на службените задачи и обврски на националните претставници на државите членки на НАТО и на меѓународниот персонал во организацијата.

Со овој Договор се регулира внатрешно-правната положба, привилегиите и имунитетите на организацијата, статусот и привилегиите и имунитетите на националните претставници од државите членки на НАТО и на меѓународниот персонал во НАТО.