Не ги прифаќаме лажните резултати од пописот, немаме доверба во официјалните органи на актуелната власт и немаме намера да дадеме легитимитет на перфидното поништување на нашиот народ. Се надеваме дека со официјална поддршка на нашата татковина, во втората половина од годинава ќе спроведеме попис, електронски и теренски, на кој ќе може да се изјаснат сите оние кои се сметаат за припадници на српскиот народ, најавуваат од Демократската партија на Србите во Македонија и Српската заедница во Македонија.
Попишувањето ќе биде доброволно, а попишаните лица ќе добијат службено уверение кое ќе можат да го користат при остварување на правото на образование, стекнување имот, добивање државјанство, како и за други привилегии во нашата татковина, Република Србија. Исто така, лицата чии презимиња се на „иќ“, а ја немаат оваа потврда, нема да бидат третирани како валидни претставници на српскиот народ во македонската администрација, туку како кукавички јајца спуштени во нашето гнездо.
Ова важи и за политичките и за невладините организации со префиксот „српски“, а всушност основани за потребите на одредена политичка партија како привремено покритие за немањето на српски партнер во нивната коалиција, кои со своето неработење, односно со поддршката на криминалните пописните активности од позиција на власт ги десеткуваа Србите и се директни виновници за оваа ситуација. За се ќе бидете навремено информирани, напиша пратеникот Иван Столковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија на својот фејсбук-профил.