Денеска објавуваме скандал којшто покажува зошто власта е одлепена од реалноста, но и зошто Демократскиот Сојуз е верен партнер на власта на СДСМ – ДУИ. Демократскиот Сојуз како дел од колачот на власта, на подарок од СДСМ – ДУИ долгогодишно го имаше ЈП Градски паркинг во свое владение, а за возврат обезбедувале привилегии, повластувања за функционери на власта, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
Во продолжение интегрален текст и видео од прес конференцијата на Стоилковски:
-ЈП Паркинзи било претворено во своевиден штаб на Демократскиот Сојуз, со тоа што службени возила, телефони и простории биле на дофат на партијата. Сето тоа наведува на сомнителни криминогени зделки. Директори, министри, функционери, разни раководни кадри со години паркирале бесплатно низ Скопје, користеле повластена позиција, на сметка на граѓаните, а тоа им го овозможувале директорите на паркинзи од Демократскиот Сојуз.
Обезбедувале повластувања за функционери на власта, бесплатен паркинг за нив. Секој во Скопје мора да плати паркинг, освен функционери на СДСМ, на ДУИ, на Демократскиот Сојуз, на членови на власта, ставени на посебни списоци со потпис на директорите од Демократски Сојуз.
Јавно прашувам, дали на име на Борче Јакимовски доскорешен директор на претпријатието и член на претседателството на Демократскиот Сојуз на Павле Трајанов, од плаќање паркинг ослободувал автомобили на функционери на СДСМ, од ДУИ, како и од Демократскиот Сојуз?
Дали на име на Владимир Кроневски, член на претседателството на Демократскиот Сојуз, воедно помошник директор на јавното претпријатие, од плаќања се ослободувани стотина автомобили на функционери од власта?
Дали и по кој основ од плаќање се ослободени возила да речеме на советникот и шеф на канцеларијата на Димитар Ковачевски, Мартин Попов, поранешниот директор на водовод Душко Вескоски ослободено возилото од плаќање, генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, па и поранешниот градоначалник на Аеродром Златко Марин и неговото возило, како и други функционери од СДСМ. Дали е ослободен од плаќање и Агим, зад чиешто име стои името на Артан Груби?
Почитувани,
Оставам простор од 24 часа, за одговори од Демократскиот Сојуз и од поранешното раководство на ЈП Паркинзи. Доколку молчат ќе ги објавиме списоците со сите регистарски таблички за привилегираните функционери, ослободени од плаќање паркинг во Скопје, а коишто до нас ги достави укажувач.
Почитувани,
Огромен е бројот на ослободени од плаќања, а се работи за високи партиски избрани и именувани функционери. Да потсетам дека паркирањето беше поскапено, а за луксузите за бесплатен паркинг на функционерите на СДСМ, ДУИ и Демократскиот Сојуз се погрижиле токму директорите на претпријатието на Градскиот паркинг, посочи Стоилковски.