Интегралната изјава ја пренесуваме во продолжение:
Договорот потпишан од Директорката на градинката Росица Маја Ристовска и директорот од Дон Холдинг за Наумоски е лажна вест. За скандалот со договор за две машини за перење од 25.500 евра, за што е потпишан овој договор, на тендер со само еден понудувач, со цена за 10.000 евра поголема од пазарната и реалната вредност на двете машини, Александар Наумоски вели било лажна вест и го цитирам „лажна вест, во немоќ на информации“.
Поголема лажна вест од оваа нема – Наумоски од СДСМ како градоначалник на Ѓорче Петров, вели лажна вест за потпишан договор, вели лажна вест за демант испратен токму од општината Ѓорче Петров! Притоа и за соопштението од општината кое се уште стои на страницата на Општината Ѓорче Петров, тој вели дека е од градинката, што значи, уште една лажна вест од Наумоски и СДСМ.
Почитувани, има низа сомнителни делови во целата постапка, распишан е тендер, а сега велат НЕМА ПАРИ, потпишан е договор, а сега велат НЕМА ПАРИ, има само еден понудувач на тендерската постапка, со нереална цена постапката не е прекината, понудувачот е добро познат на градоначалникот и на директорката на градинката, имаат повеќе договори склучено меѓусебно, само 4 во два месеци април и мај годинава, вредни 185.000 евра. Само за април и мај, Дон Холдинг и човекот со кој е потпишан овој договор заедно со директорката од градинката, имаат тендери во вредност од 185.000 евра. Оваа фирма е исто така од Ѓорче Петров, амал фирма, а според документите, регистрирана за дејност транспорт, на еден човек, Слободан Настовски!
Почитувани, ДКСК постои за да ги заштити граѓаните од корупција на избраните и именуваните функционери, како Александар Наумоски, градоначалникот од Ѓорче Петров, ДКСК постои да го заштити јавниот интерес пред коруптивните злоупотреби на власт, ДКСК постои за да го заштити буџетот и парите на граѓаните од семејни врски и злоупотреби на функционерите, како на пример Александар Наумоски.
Постојат низа сомнежи, постојат низа индиции за коишто и ЈО и ДКСК имаат чист терен за работа во Ѓорче Петров. Таа работа треба да даде одговор за тоа има ли спрега меѓу Наумоски како градоначалник, Ристовска директорката на градинката и Настовски како сопственик на транспортнта фирма добитник на низа тендери во овие 4 години додека се СДСМ на власт во Ѓорче Петров. Или пак можеби и други врски како можност за постоење на крвно сродство меѓу нив тројца?
Паничната реакција, признавањето дека е спроведен тендер и потпишан договор, со признанието дека НЕМА ПАРИ, паничната реакција на Наумоски градоначалникот и на Ристовска директорката, негов кадар, е показател дека зад овој случај има огромен коруптивен скандал.
Овој скандал е уште еден доказ дека СДСМ е најлошото за вашата општина, доказ дека Македонија со СДСМ ќе продолжи да тоне на мерењата за корупција, а одговорноста за тоа ја има и ДКСК!