Јакимовски потенцираше дека градоначалникот на Скопје, Шилегов единствено може да се пофали со ситници, но кога сме кај крупните проекти нема ниту еден проект кој ќе го остави позади себе.

– 4 години не се малку и за толку време се решаваат многу проблеми, го видовме Луна паркот дека нема да се гради . За нас трамвајот испадна вселенска станица, како да треба да летаме во вселената, а трамвај други имале и пред 120 години и тоа на Балканот како Босна, Србија, Хрватска, гасификацијата е мисловна именка, зошто Скопје не се гасифицира, што е со повеќе сообраќајници кои треба да се направат, зошто не се направи јужна обиколница, зошто не се заврши булевар Теодосиј гологанов од како што треба и да заврши во Драчево? Градоначалникот на Скопје мора да направи крупни работи по што овој град ќе го памети и по кои овој град ќе оди напред, истакна Јакимовски.

Тој посочи дека и другите градоначалници во Скопје потфрлија посочувајќи го градоначалникот Карпош, Стефан Богоев кој за 4 години се фали само со две градинки кои се започнати уште пред тој да го добие мандатот.

– Го гледав градоначалникот на Карпош, Богоев кој се пофали дека најкрупни проекти му се градинката во Бардовци и градинката во Тафталиџе., но за градинката во Бардовци јас го објавив тендерот и има снимки од камен темелникот кога се фрлаше, и градоначалникот нема што повеќе да каже од две градинки кои се правени во мое време, нагласи Јакимовски.