Седум месеци, повеќе од 210 денови минаа од пеколниот пожар во модуларната болница во Тетово, 14 живи пациенти пеплосаа. Три месеци и две недели, повеќе од 110 дена минаа, од пеколот во автобусот на смртта на автопатот Струма во Бугарија, 45-мина живи изгореа. 150 денови минаа откако Вилма Русковска изјави дека цитирам „нема ништо конкретно“ од истрагата за модуларната. 130 денови минаа од изјавата на Пивоваров, Национален координатор за гранично управување, дека патниците се виновни затоа што не ја провериле лиценцата на автобусот, изјави на денешната прес конференција, Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека 80 денови, повеќе од 10 работни недели се поминати, откако се пристигнати седумте страници за превод од Германија, Извештајот за несреќата во Тетово.

– 140 денови минаа откако Руфат Хусеини директорот на Државниот инспекторат за транспорт изјави дека се обиделе, но не успеале да извршат контрола во просториите на фирмата „Беса транс“. 19 недели минаа откако Љубомир Јовески заедно со Вилма Русковска беа во Бугарија по несреќата со автобусот и уста не отворија од тогаш за случајот. 110 денови царината проверува како тоа автобус без лиценца минувал граница. Вилма Русковска се уште е обвинител, Љубомир Јовески на крај од мандатот се моли за Уставен судија, Оливер Спасовски се уште е министер за полиција, Љупчо Путер Николовски е министер за земјоделство бидејќи му се укина министерството за борба со корупција. Заев и Филипче од страна ќе отворале фондација. Влакно не им фали, појасни портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Стоилковски додаде дека 60 луѓе живи пеплосаа, 60 луѓе се очигледни жртви на криминал и корупција, никому влакно не му фали, никој не понесе одговорност и дека никој не одговараше.

– Корупцијата изгоре 60 луѓе, никој не одговара. Со вакво заробено правосудство од тандемот СДСМ-ДУИ, со влада на СДСМ-ДУИ, секој ден минат во Македонија, е ден минат со висока корупција и криминал, дециден е Стоилковски.