Неговиот статус го пренесуваме во продолжение:

ДОСТОИНСТВО ИЗЛЕГУВА ОД КОАЛИЦИЈАТА ПРЕДВОДЕНА ОД СДСМ

На денешен ден во 2001 година започнаа борбите за ослободување на тетовското Кале кое претходно, на 14 март 2001, беше запоседнато од УЧК. Храбрите припадници на безбедносните сили на Република Македонија, по целодневна борба која продолжи и во текот на ноќта ја разбија добро утврдената и тешко вооружената единица на УЧК и ја натераа на бегство.
По овој повод делегација на Достоинство, заедно со свои членови и подржувачи, учесници во одбраната на Македонија во 2001-та, положи свежо цвеќе пред споменикот на Бранителите во Скопје.
Воедно, денес објавуваме дека излегуваме од досегашната коалиција.

Поради неисполнети очекувања за надминување на горливиот проблем со кој се соочуваат сеуште необесштетените десетина воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители, во согласност со моите јавни укажувања и барања од мај минатата година, повторени во многу мои јавни настапи во периодот потоа, Достоинство излегува од коалицијата предводена од СДСМ.

Иницијативите на Достоинство поднесени до Владата и Собранието, со кои нудевме решение на овој апсурден проблем, добиваа постојана подршка од страна на премиерот Ковачевски и министерката за одбрана Петровска, но, поради противењето на ДУИ истите не поминаа.

Покрај моите јавни укажувања, за нашата намера да ја напуштиме оваа коалиција благовремено го известив врвот на СДСМ. Притоа им се заблагодарив за досегашната коректна политичка соработка вклучително и за моето именување за директор на ЦУК, особено за можноста да работам со полн капацитет, со целосно одврзани раце и константна подршка од страна на Владата. Се заблагодарив и за покажаната толерантност кон моите јавно искажани политички ставови и мислења за некои прашања и состојби во Македонија а кои се косеа со официјалните ставови на СДСМ. Воедно на генералниот секретар Зечевиќ и на претседателот Ковачевски им предложив, до претседателот на владата, да понудам оставка на мојата позиција директор на ЦУК но од нивна страна тоа не беше прифатено поради што останувам да го предводам ЦУК до формирањето на следната политичка влада.
Годините кои ги поминав во коалиција со СДСМ ми овозможија да се ослободам од моите претходни политички предрасуди бидејќи таму запознав и станав пријател и другар со многу добри и чесни луѓе како и искрени патриоти и одлични професионалци.

Секако дека проблемот со необесштетените воени инвалиди и семејства на загинатите бранители не е единствената причина поради која излегуваме од коалицијата предводена од СДСМ но поради политичка коректност во овој момент немам намера да навлегувам во понатамошни објаснувања.

Минатата недела раководството на Достоинство донесе едногласна одлука да ја прифатиме можноста да влеземе во коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Во разговорите со ВМРО ДПМНЕ пратеничко место ниту баравме ниту ни беше понудено. Нашиот фокус како репрезент на македонските бранители од 2001 година не е освојување на пратеничко место туку барање на решенија за проблемите на припадниците на безбедносните сили, учесници во одбраната на Македонија во 2001 година како и борба за нивните права.

Како дел од коалицијата предводена од СДСМ успеавме да помогнеме на многумина македонски бранители и на членови на нивните семејства но не успеавме да избоксуваме системски решенија кои би се однесувале на сите бранители. Од преговорите со ВМРО ДПМНЕ како и од моите повеќекратни непосредни средби со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицковски како и со пратеникот Ковачки, кој и самиот е бранител од 2001-та, слободно можам да кажам дека сме на добар пат да реализираме некои од нашите барања за што дополнително ќе ги известиме бранителите но и целокупната македонска јавност.

На крај, да укажам, Достоинство никогаш не менува страна. Од формирањето во 2007-та, најпрво како Здружение а од 2011-та и како партија, па се до денес, Достоинство останува на иста страна, на страната на македонските бранители од 2001-та. Соработката со најголемите политички партии е сурова политичка реалност која едноставно е неопходна за постигнување на нашите чесни, хумани и патриотски цели.
Сосем за крај, ги повикувам сите македонски граѓани, во следниот период, да не дозволат разгорување на меѓуетничката, меѓумакедонската и меѓупартиската нетрпеливост и омраза. Напротив, сплотени во македонско национално единство, сите заедно да помогнеме нашата заедничка татковина Македонија да стане поубаво, побезбедно и побогато место за живеење.

ХРОНОЛОГИЈА НА ДОСТОИНСТВО
2007 е формирано Здружението на припадници на безбедносни сили “Достоинство“;
2008 “Достоинство“ собра 32.000 граѓански потписи со кои предложи нов Закон за посебни права на бранителите;
2009 “Достоинство“ организираше протести на професионалните војници на АРМ на кои во цивилна облека но во војнички строј во знак на протест маршираа повеќе од 1.000 професионални војници;
2011 во мај се формираше политичката партија “Достоинство“;
2011 во јуни “Достоинство“ освои 8.837 гласови на парламентарните избори;
2012 “Достоинство“ учествува во формирањето и влегува во т.н. Пелистер коалиција (ВМРО НП, Обединети за Македонија, Достоинство, ЛДП);
2012 во октомври “Достоинство“ влегува во коалицијата “Сојуз за Македонија“ предводена од СДСМ;
2013 во октомври “Достоинство“ излегува од “Сојуз за Македонија“ предводена од СДСМ (после доаѓањето на Зоран Заев на чело на СДСМ);
2014 во април, на парламентарните избори, Достоинство освојува 9.265 гласови;
2016 во ноември “Достоинство“ учествува во формирањето и влегува во коалицијата “ВМРО за Македонија“ (ВМРО НП, Обединети за Македонија, Достоинство);
2016 во декември, на парламентарните избори, коалицијата “ВМРО за Македонија“ освојува 24.524 гласови;
2017 во јуни “Достоинство“ постизборно влегува во коалицијата предводена од СДСМ и како дел од оваа коалиција учествува на локалните избори во 2017 и 2021, на претседателските избори во 2019 година како и на парламентраните избори во 2020.
2024 во март, “Достоинство“ излегува од коалицијата предводена од СДСМ.