Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска вели дека неопходно е Законот за минимална плата да претрпи амандмански измени, затоа што кога се случува покачување на минималната плата, тоа повлекува и покачување на сите останати плати, односно треба да се испочитуваат сите колективни договори.
“Ако не се испочитуваат колективните договори во јавниот сектор, тогаш ни следува еден општ хаос, каде нема да се знае кој и на каков начин ќе реагира, при една ваква хаотична неизедначеност во вреднувањето на образованието и трудот“.
Во делот на општините, каде “добар“ дел од нив тонат во долгови и немаат средства како да ги исплатат дури и сметките за струја, Стојаноска смета дека тие треба да добијат покачени дотации за оваа покачена минимална плата.
Лидер: ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман на Законот за минимална плата, во кој ќе барате корекција на платите и во јавниот скетор согласно растот на минималната плата. Зошто ова го барате? Што содржи овој амандман, колкаво покачување (линаеарно за сите) покачување на платата по сектори, покачување на платата по основ на образование?
-За содржината на најавениот амандман, рано е да ја коментирам, од причини што прво Владата треба да го достави најавениот Предлог Закон за минимална плата во Собранието, па врз основа на него би ја направиле и нашата најавена амандманска интервенција. Затоа, засега е доволно да кажам дека амандманска интервенција е неопходна, после вчера постигнатиот договор за покачување на минималната плата на 18.000,00 денари, бидејќи кога се случува покачување на минималната плата, тоа повлекува и покачување на сите останати плати, односно почитување на сите колективни договори. Пр. во образование тоа оди со коефициент. И, точно е дека колективните договори се надвор од закон, но истите мора да се почитуваат. Во спротивно, доколку амандмански не се интервенира во оваа насока, како што впрочем и увидовме од многуте денешни реакции на засегнатите (над 85 % од вработените во Македонија), ќе ни се случи приближување на минималните до класифицираните плати, односно ќе ни се случи изедначување на платите помеѓу вработените со различна сложеност на нивните работни задачи, со различни бодови или коефициенти. Или, пластичен пример: еден чувар во една јавна институција може да му се приближи со платата на еден вработен со ВСС во истата таа институција. Заклучно, ако не се испочитуваат колективните договори во јавниот сектор, тогаш ни следува еден општ хаос, каде нема да се знае кој и на каков начин ќе реагира, при една ваква хаотична неизедначеност во вреднувањето на образованието и трудот.
Лидер: Сметате ли дека ова покачување можат да го издржат општините, како ентитет кој е во најслаба финансиска кондиција и во услови кога токму ЗЕЛС бара централна помош за подмирување на сметки? Ќе имаат ли општинте пари за своите административци во услови кога не можат да ги платат сметките и тонат во долгови?
-Што се однесува до Вашето прашање за општините, во услови кога токму ЗЕЛС бара помош од централната власт за исплатување на нивните сметки, апсолутно сметам дека истите треба да добијат покачени дотации за оваа покачена минимална плата. И ова треба, може и мора да се случи, а еве како појдовна точка за интервенција може да се искористи Законот за финансирање на ЕЛС. Но, морам да напоменам дека ваков закон веќе е во постапка во Собранието, но со истиот предлогот е ДДВ-то за општините скалесто да се зголемува, односно по 0,5 процентни поени за секоја година, па така беше предвидено за од 01.01.2022 да е 5%, од 01.01.2023 да стане 5,5% и од 01.01.2024 да стаса до 6%. Со новонастанатиов постигнат договор, реално, од стапување на сила на Законот за минимална плата, треба истовремено и процентот на ДДВ-то за општините од старт да се накачи на 6%, како би можеле да очекуваме дека општините би можеле да ги исплатат минималните плати за вработените во јавните институции. А, ако се случи да го усвојат нашиот амандман за покачување и на сите останати плати, тогаш дефинитивно за општините ќе треба многу поголем износ на дотации или уште повисок процент од ДДВ-то, додава Стојаноска.