Грешката во тоа што автопатот Кичево – Охрид што досега не е завршен и покрај тоа што се потпишани пет анекси, покрај тоа што таа делница е поскапа за 300 милиони евра во последните седум години е во неспособноста на менаџментот да се заврши проектот, истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски во вечерашното гостување во Централниот Дневник на ТВ Сител во „Тема на денот“.

„Јас слушнав три причини и трите ќе ги елаболирам со по една реченица. Ковачевски денес вели дека не е крив Благој Бочварски кој го стануваше пред сите во сала, туку е крив проектот е сега истиот проектант и истата ревизија на проектот, истиот изведувач беше и кај Миладиновци – Штип, автопат кој чинеше 44 милиони евра поевтино од тоа што беше предвидена вредност. Понатаму велат ќе правиме ревизија во рамките на јавното претпријатие, има готова ревизија во шести месец државниот завод за ревизија оваа година во шести месец ја има издадено 126 страни и таму детално се објаснети дека причините за незавршувањето на овој проект се неспособноста на менаџментот истиот да биде завршен“, рече Стојаноски.

Тој додаде дека едно време била виновна трасата, па Бочварски призна дека трасата не е виновна.

„Колку пати неделно има состаноци министерот за транспорт и врски со оние кои можеби се одговорни за експропријацијата, бидејќи премиерот денеска кажа дека и тоа било проблем, сега експропријацијата била проблем. Колку пати имаат состаноци со оние што се подизведувачи, со надзорот и сите оние институции кои се вклучени за проектот? Секогаш ќе има вакви работи за секој инфраструктурен проект, но треба да се решаваат“, вели Стојаноски.

Стојаноски истакна дека може да си бираат изговори колку сакаат но на крајот е една. Треба да има суштинска одговорност бидејќи има институции кои се надлежни за изведување на овие работи.

„Гледате ли каква е неспособноста на овие луѓе. Тогаш проценетата вредност беше 348-350 милиони евра денеска пет анекси подоцна, седум градежни сезони подоцна 300 милиони повеќе од тоа што е предвидено ние немаме ниту 75% завршени градежни работа на терен, тоа е еклатантна неспособност“, потенцираше Стојаноски.

Тој кажа дека во последно потпишаниот анекс Република Македонија како држава, институцијата министерството за транспорт и врски ЈПДП презеле обврска да ја завршат експропријацијата на терен која не е завршена по признание на министерот и премиерот.

Запрашан за тоа дека договорот со „Синохидро“ ќе се раскинува во Собранието. Стојаноски истакна дека тој не би бил изненаден да се направи тоа со европско знаменце и да се оштети буџетот за половина милијарда евра.

„Не би бил изненаден тоа да се направи со европско знаменце. Еве ексклузивно за јавноста, во наредниот период со можеби користење на механизмот европско знаменце државата Република Македонија до крајот на годината ќе биде задолжена за половина милијарда евра па да видиме кој ќе е во право. Ние ќе бараме да го видиме анексот на договорот и сите оние работи кои ги кажав. Да слушнеме мислење на стручната фела, но секако нема да поддржиме решение кое ќе значи исплаќање на пенали од страна на Буџетот на граѓаните кон одредена трета страна за да се вметне одредена друга страна која ќе е криминално ангажирана за да се перат пари“, заклучи Стојаноски.