Бојан Стојаноски преку објава на „Фејсбук“ направи споредба на економските резултати во првите осум целосни квартали од владеењето на СДСМ и ДУИ и актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, посочувајќи дека бројките покажуваат разлика во просечниот раст и стабилноста на економијата.
„Да направиме споредба! Во политиката, особено во економијата споредбата мора да постои. Споредбата на бројките е сериозен индикатор дали економската политика дава резултати или треба подобрувања“, напиша Стојаноски.
Тој посочи дека во првите осум целосни квартали по доаѓањето на СДСМ и ДУИ на власт, просечниот реален раст на БДП изнесувал околу 2,6 отсто, додека во првите осум целосни квартали на актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ просечниот раст изнесува околу 3,55 отсто.
Според Стојаноски, тоа претставува речиси еден процентен поен повисок просечен раст, односно приближно 37 отсто повисоко просечно темпо на економски раст.
„Но разликата не е само во просекот. Уште поважна е стабилноста и континуитетот на растот“, наведува Стојаноски.
Тој додава дека во првите три целосни квартали од власта на СДСМ и ДУИ економскиот раст бил под еден отсто, додека во актуелниот период Македонија има осум последователни квартали со реален раст од најмалку три отсто.
Како што посочува Стојаноски, стапките на раст од третиот квартал во 2024 година до вториот квартал во 2026 година изнесуваат 3,0, 3,2, 3,0, 3,4, 3,8, 3,8, 3,1 и 4,3 отсто.
„Ова никогаш не се случило во историјата на Република Македонија. И најновиот податок дополнително ја потврдува позитивната динамика: во вториот квартал од 2026 година реалниот раст на БДП достигна 4,3 отсто“, напиша тој.
Стојаноски заклучува дека бројките, според него, покажуваат „повисок раст, постабилен раст и континуитет на позитивниот економски тренд“.
