Денес сакаме да ја информираме јавноста дека како пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата повторно го поднесовме Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, но овој пат по редовна постапка, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Бојан Стојаноски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
-Пред неколку денови гласајќи против овој предлог закон, лицемерието и лажната грижа на Шекеринска и СДСМ излегоа на површина и беа посилни од потребата за решавање на проблемите на војниците и офицерите. Токму затоа, ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата уште повеќе и уште поцврсто сме решени дека овој предлог закон мора да се донесе за да се излезе во пресрет на припадниците на АРМ и затоа денес, во Собранието го поднесуваме истиот предлог закон по редовна постапка. За таа цел, повторно ја повикуваме и апелираме до Владата, Министерството за одбрана и министерката Шекеринска сериозно да си ја сфатат работата и да го поддржат ова законско решение без изговори, кое е исклучиво во интерес на Армијата на Република Македонија. Имено, со овој Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, сакаме и наша цел е подобрување на условите за пензионирање и давање на можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на закон со остварување на право на пензија со навршување на 40 години стаж или со навршување на 55 години возраст, вели Стојаноски.
Тој додава дека исто така, бараме и предлагаме да се изврши корекција во висината на пензијата и на воениот и на цивилниот персонал на кој од денот на формирање на Армијата до денот на влегување во сила на овој закон им престанал работниот однос согласно законите за служба во Армијата кои важеле во времето на остварување на правото на пензија. Со ваквото законско решение во целост би се испочитувала темелната и основната вредност на уставниот поредок во Македонија односно ќе се испочитуваат основните слободи и права на човекот утврдени во нашиот Устав, каде јасно и прецизно пишува дека сите ние сме еднакви пред Уставот и законите во Република Македонија.
-Ова се барањата и предлозите на припадниците на Армијата на Република Македонија. Ова се барањата и предозите на војниците кои пратениците на СДСМ и Радмила Шекеринска еднаш ги одбија и гласаа против. Како пратеници сметаме дека овие барања на војниците се издржани и аргументирани и дека владејачкото мнозинство и Шекеринска мора да имаат слух и доблест да го прифатат и поддржат ова законско решение бидејќи во спротивно, уште еднаш по којзнае кој пат ќе покажат и докажат дека „грижата и заложбите“ за припадниците на АРМ е само дрско манипулирање и лажење на војниците и ефтин предизборен маркетинг на СДСМ. Во таа насока, сакаме да потенцираме дека поради арогантноста на СДСМ и Шекеринска, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата нема да дозволи повторно да биде лажно обвинета за блокирање на Собранието или пак лажно обвинета дека е против Армијата на Република Македонија, против војниците и против подобрување на условите во Армијата. Нема да дозволиме пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да биде виновна за неспособноста на Владата. На крајот, им порачуваме на пратениците од СДСМ и Шекеринска дека ова е последната шанса да покажат дали имаат искрена и чесна намера или пак само декларативно и напразно се залагаат за подобри услови на припадниците на Армијата на Република Македонија. Македонската јавност има право и мора да знае кој искрено се бори за подобра иднина на сите граѓани, а кој само се расфрла со мегаломански и празни ветувања, истакнува Стојаноски.