Под бугарски диктат, на овој начин нема да има промена на Уставот. Ние ја повикавме власта, да престане ова што трае година и половина, немаше потреба да чекаме до 18 август, некаде на крај на јули самите инициравме да седницата и да видиме дали имаат две третини или немаат. Се надвор од тоа е замајување на јавноста и купување на ден плус, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски за „За или против“ на Алфа телевизија.

Стојаноски истакна дека на седницата на 18 август пратеничката група на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има 44 гласа кои ќе гласаат против усвојување на дневниот ред.

– Вистинското прашање е колку мнозинството ќе обезбеди за да гласаат за усвојување на дневниот ред, затоа што гледате има една какофонија во јавноста, викаат им фалеле шест, па Битиќи викаше дека убедиле пратеници имаат 80, па Бујар Османи рече им фалеле осум, Пендаровски кажа друга бројка. Во самото усвојување на дневниот ред ќе биде тоа јасно, а се потоа ќе биде театар. Веројатно ќе се пријават од СДС за збор, а ДУИ ќе им реплицираат и таа седница ќе трае максимум десетина дена, а кога ќе се исцрпи расправата Џафери ќе го одложи гласањето, рече тој.

Стојаноски потенцираше дека условите се создадени може истиот ден да се заврши работата.

– Кажавме, ако се храбри нека ги стават на дневен ред. Кога нема да се изгласаат единствена логика која треба да се прифати како разумна е да се распушти парламентот, изјави Стојаноски.

Во однос на Манифестот кој власта го објави, Стојаноски посочи дека тоа е политички производ за купување на време и како такво треба да се разбере затоа што е несериозно.

– Пред година дена кога имаше масовни протести им велевме немојте да прифаќате бугарскиот предлог, ќе ги срушите македонските позиции, но тие преземаа обврски за кои знаеја дека не може да ги реализираат. Ние им дадовме и предлози да одиме на избори секоја партија да си каже предлог, потоа дадовме предлог за хрватскиот модел, не прифатија, на лидерската претседателот Мицкоски им понуди механизми да се заштитиме од бугарското уценување и тоа го одбија. Сега соочени со неуспех повикуваат на политички производи кои се пишувани во штабот на ДУИ, а ги испраќа СДС, нагласи Стојаноски.

Тој истакна дека единствениот консензус кој сега е возможен е тој за одржување на предвремени парламентарни избори.