Градоначалникот на општина Неготино, Горан Стојанов на денешниот настан „100 дена локална власт – отчет на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ“ во Велес истакна дека иако општината ја затекнал со долг од над 60 милиони денари по повеќе основи, во првите 100 дена новата локална власт успеа да отпочна и реализира 17 проекти кои се подобрува животот и функционирање на граѓаните на Неготино.

– Реализирани се топ 3 проектите од мојата програма за работа: донесена е одлука и веќе се спроведува доделувањето на ваучери во вредност од 7.000 денари за секое новороденче во општина Неготино. Економски развиена општина со нови стопански и индустриски капацитети со цел за отворање на нови работни места е основната цел на проектот „стимулација за инвеститори“ за што е изготвен и посебен правилник со критериуми. Проект „моја патрола“ со секојдневно присуство на вработени на терен и остварување непосреден контакт со граѓаните за побрзо и поефикасно решавање на нивните проблеми, изјави Стојанов.

Тој посочи дека еден од првите проекти е општина Неготино без депонии при што комплетно се исчистени депониите кај Криволак, Тимјаник и Курија, а паралелно се преземаат мерки за спречување на појави на нови депонии, а покрај тоа се реализираат инфраструктурните проекти.

– Асфалтирани се 2 улици во Тимјаник во должина од 450 метри, поставена е хоризонтална и вертикална сигнализација на кружниот тек, обезбедивме средства за изградба на улица во Курија во должина од 530 метри, во тек е партерно уредување на улица во Тимјаник со бекатон коцки, во тек е набавка и монтажа на хоризонтална и вертикална сигнализација на улиците „Антигона“, „Едвард Кардељ“ и „ЈНА“, проектна документација за уредување на паркот околу спортската сала „Младост“, рече тој.

Тој посочи и дека во тек е проект за реконструкција на „саат-кулата“ како и отпочнати се активности за уредување на парк во Тремник.

– Ја користам можноста да ја информирам јавноста за дел од планираните проекти за реализација до крајот на тековнава 2022 година. За спроведување на програмата за комунални дејности и уредување на градежно земјиште во општината планирани се средства во износ од 52 милиони денари. Меѓу другото, изработен е и одобрен проектот за покривање на градскиот пазар со кровна конструкција, осветлување и набавка на нови тезги, квалитетно и континуирано снабдување со вода, одведување и прочистување на отпадни води, јавно осветлување и јавна чистота, одржување и заштита на локални патишта, улици и регулирање на сообраќајот, изградба и реконструкција на локални патишта, одржување и користење на паркови и зеленило и подигнување на нови зелени површини на територијата на цела општина, изградба на простор за паркирање на возила изградба на системи за водоснабдување и системи за одведување и пречистување на отпадни води, изјави Стојанов.

Тој додаде дека општината ќе добие парк кај спортската сала Младост, кружни текови на улица Маршал Тито и индустриска на излезот од Неготино, хортикултурно уредување на спомен-костурницата Манчо Малиминов, и уште над 25 проекти од областа на комуналните дејности.

– Заедно со моите сограѓани продолжуваме да градиме проекти и да создаваме нова иднина за сегашните и идните жители на Општина Неготино, нагласи Стојанов.