Кристијан Стојаноски во машка и Ивана Неделковска во женска конкуренција на натпреварувачи постари од 17 години, се победници на Илинденскиот пливачки маратон, што традиционално по 43. пат се одржа денеска во водите на Охридското Езеро.

Првото место во групата до 16 години го освоија Никола Велковски во машка и Сара Јанковиќ во женска конкуренција. Втор на целта во оваа конкуренција беше Стефан Тодоров, а Сергеј Малјановски Арнаудовски трет. Од девојките втора беше Нада Миленковска, а трета Росана Гошева.

Во категоријата над 17 години втор до целта пристигна Урош Трпоски, а трет беше Предраг Мургоски. Во женска конкуренција второто место и припадна на Јована Неделковска, а трета на Ангела Смилевска.

Организатор на Илинденскиот пливачки маратон е пливачкиот клуб „Охридски бранови“, а се одржа под покровителство на Општина Охрид. Натпреварувачите пливаа од плажата „Горица“ до Градското пристаниште во должина од 2,5 километри. На годинашната манифестација беа пријавени 44 пливачи, 29 во машка и 15 во женска конкуренција.