Вандалски чин врз објект на детска градинка е забележан утринава во Ѓорче Петров. Сторителот или сторителите кои засега не се познати, со спрејови испишале графити со недолична содржина на ѕидовите од градинката Росица, клон Детелинка во Општина Ѓорче Петров.
Испишаните пораки, според нивната содржина, се наменети за членовите на СОНК кои се во генерален штрајк.
Градоначалникот Александар Стојкоски денеска излезе на лице место да види каква е фактичката состојбата. Истакна дека ова е досега невиден вандализам врз еден општествен објект.
-Груба манифестација на незадоволство од непознат сторител во моментов. На овој начин се врши и невиден притисок и агресија врз самите негователи и воспитувачи кои се учесници во процесот на штрајк организиран од СОНК, што може да го видиме и на самиот објект. Го изразувам личниот револт и незадоволство од настанот, го осудувам и го повикувам МВР совесно и во многу брзо време да преземат дејствија против сторителот, изјави Стојкоски.
Утринава од страна на полициски служби, по пријавата која била околу 7 часот, извршен е увид.