Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги повика земјите-членки на Алијансата да и достават повеќе оружје на Украина, јави ДПА.
Ги повикувам сојузниците да направат повеќе. Целосно е во интерес на нашата безбедност да се погрижиме Украина да победи и (рускиот претседател Владимир) Путин да не победи, рече Столтенберг во интервју за ДПА.
Според него, веројатно е уште поважно Украина да добие доволно муниција за веќе поставените системи. Тој инсистира дека потребата од муниција и резервни делови „е огромна“.
Можеби звучи парадоксално, но воената поддршка за Украина е најбрзиот пат за мир, рече тој.
Знаеме дека повеќето војни завршуваат на преговарачката маса – и оваа војна веројатно така ќе заврши, но знаеме дека она што Украина може да го постигне во овие преговори е нераскинливо поврзано со воената ситуација, рече Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО јасно стави до знаење дека неодамнешните украински напади врз воени цели во Русија ги смета за целосно легитимни.
Секоја земја има право да се брани – вклучително и Украина, рече тој, објаснувајќи дека украинските напади мора да се гледаат во контекст. Ова, рече тој, вклучува масовни руски напади врз цивилната инфраструктура, чија цел е да ги остават Украинците без вода, струја и греење во зима.
Запрашан дали мисли дека е добра идеја да се испорачаат ракети со среден дострел во Украина, Столтенберг рече дека „дијалогот меѓу сојузниците и со Украина за конкретни системи“ продолжува.
Тој посочи дека земјите од НАТО веќе и доставиле на Украина системи за оружје со долг дострел, како што се ракетни фрлачи Химарс и артилерија со долг дострел. Се испорачуваат и дронови и оклопни возила, рече Столтенберг.